ДИЈАНА ТАХИРИ
Предупредување: Во написов нема ништо академско, возвишено или посебно стилизирано за софистицирани и нежни чувства.
Штедење. Како досега да не сме штеделе, кој како и колку можел/а. А под штедење во моето домаќинство но и човечко битие со разни потреби, подразбирам ограничување и дистанцирање од куп работи што би ми го направиле денот малку посветол.
На пример, консумирање кафе и други релаксирачки пијалаци речиси исклучиво дома и на работа. Ограничено движење -дома/ работа, работа /дома. Бидејќи низ градот има разни дистракции. Концерти, изложби, филмови, социјални дружби, и уште многу други убави работи што се случуваат надвор од домот и работното место. Некаде се плаќа, некаде не, без разлика. Каде и да одиш, едноставно ти е потребно барем чувството дека се појавуваш пристојно облечен, поминат од вода, бидејќи цел ден си на работа, а за да одиш некаде сакаш да одиш до дома да се освежиш. А тоа чини, време и пари. Шампон, деодоранс, долна облека, чорапи, хулахопки (се е ова потрошен материјал, високо потрошен), облека, соодветни обувки, најмалку што може- удобни, а тие се скапи.
На пример, сакаш навечер по работа и по ручекот или вечерата, да се видиш на раат со домашните, до некое пристојно време, за потоа да дојде фазата на сон, потребен да се издржи утрешниот ден, да се одмориш, барем делумно. Но, евтината струја (ако воопшто постои, во што се сомневам, оправдано) е резервирана за употреба од 22 часот, до 5 наутро. Ако сакаш да штедиш, од 22 до кога можеш, ќе пушташ машина за алишта ( или ќе собереш се во еден ден да испереш, во недела), ќе зготвиш ручек/вечера за утре, ќе се тушираш сакаш не сакаш пред спиење ( а можеби сакаш наутро), ќе пеглаш ако имаш за пеглање нешто, и ќе внимаваш некој недајбоже да не пуштил бојлер или фен или рингла преку ден, ако можеш. Јас готвам на плин, бојлерот ми е на струја, пеглата и машината за алишта исто, машината за садови малку ми е неисправна но не викам мајстор, да не трошам ниту на мајстор ниту на струја потоа. Ама пак трошам вода за миење садови. Да не треба од тенџере да јадеме? Со една лажица па круг? Да не трошиме вода и за тоа…
На пример, сакаш за викенд да прошеташ, кој со што може, но не секаде можеш со автобус, ти треба приватно возило. Добро е да имаш хеликоптер, но да се задоволиме со автомобил. Вели мајка ми, не разбирам, сега поскапе или поевтини бензинот? Секој ден викаат поскапе- поевтини… И велам, поскапено е се, тоа што ни кажуваат друго секој ден е за да заборавиме дека е поскапено.
На пример, сакаш да се почестиш убав одмор од десетина дена на некое море. И ќе се почестиш, ќе се снајдеш некако, зошто да не, цела година работиш. И потоа автоматски добиваш морска болест на прво добивање сметки, струја, вода, мобилен, интернет, превоз, данок на имот што си го платил кога си го купил, но на државата и е потребно секоја година да и се плаќа данок. И разни помали или поголеми даноци, за да преживее. Државата.
Има уште многу примери, што сакаме, што ни треба, колку ни треба и дали ни треба. Но ете, за тоа се грижат разните претставници на разни државни институции, да ни укажат дека треба да штедиме, дека е светска криза, не само кај нас. Како ние тоа да не го знаеме. Па ние и без криза штедиме на се што наброив погоре, и уште повеќе. Само пари не можеме да штедиме, парите никогаш не ни се проблем, ги имаме до „јорганот над колена“.
Сакав да им порачам на високо загрижените политичари, исто како што секојдневно ни порачуваат разните високи претставници на разни највисоки, високи и не многу високи државни институции, дека сите ние, на кои им порачувате да штедиме, штедиме одамна, и без светска или државна криза, тоа ни е начин на живот, сакале или не сакале.
Туку да ве прашам, вас загрижените и порачувачите, кој ви ги плаќа сметките? И за евтина и скапа струја, и за вода, и за облека, и за јадење дома и на работа, и за патни трошоци низ градот, државата и светот?
Минималната синдикална кошница за месец јули 2022 година изнесувала 40.554 денари, а кога ќе се додадат трошоците за живот, односно инфлацијата, каде се пресметани уште 6.488 денари, вкупната кошница, изнесувала 47.042 денари. За месец август сѐ уште нема јавни податоци. Имајќи предвид дека просечната плата во земјава пресметана за месец август годинава, е 31, 869 денари, и дека многу семејства работат за минимални плати, како и многу за под минимални плати, а да не зборуваме за многу други семејства во кои нема ниту еден вработен, односно се социјални случаи, минималната кошница е недостижна. За работниците.
Истите тие што треба да си го пружат „јорганот“ некаде помеѓу 20 и 40 илјади денари, ако може и 15 илјади, уште подобро, се тие што плаќаат даноци, за загрижените високи претставници од највисоките, високите и помалку високите државни институции, да имаат убави плати, хонорари од разни комисии и којзнае уште од каде, за да можат да платат и евтина, и скапа струја, и вода, и јадење дома и на работа, и патни трошоци низ градот, државата и светот со се облека, долен веш и обувки, брендирани, за да не ни се смеат низ светот кога праќаме цели авиони делегации!
Тие што треба да се задоволат со минималната месечна кошница, знаат одамна, со години, колку чини и векна леб, и литар млеко, и 900 мл. масло, и 900 гр. шеќер, и вреќа брашно, и најевтините тестенини по најевтините супермаркети, затоа што по плаќањето сметки за струи, води, телефони и друго, од парите што ќе им останат, ги купуваат најпрво овие продукти, и уште за лична хигиена, па ако остане за малку месо за да замириса барем 4-5 пати во месецот манџата ( која се прави за два дена), добро. Ако не остане, здравје. Навикнати се на штедење, само не на пари. Штедат и за себе и за вас, загрижените.
Затоа, не ни се мешајте во личната хигиена, тенџерињата и скапата струја. Ако има за нас, за вас ќе има уште повеќе, без гајле!