ДЕЈАН СРБИНОВСКИ
Слободата на говорот и правото на јавен настап се премногу сериозна работа за да можеме вака индиферентно да се однесуваме како држава која со години во многу извештаи се означува како делумно слободна или односно како слаба демократија. Токму во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите, треба да се истакнат неколку работи кои можат да ја опишат во неколку збора состојбата во Македонија.
Имено, слободно може да се каже дека сега имаме прилично силна слобода на говор и слобода на медиуми од аспект на јавно говорење, слободна мисла, но во исто време имаме еден постојан проблем што генерално медиумите не се финансиски независни во нашето општество.
Станува збор за структурата на самата медиумска сцена во којашто имаме огромен број на медиуми на еден мал пазар за реклами и тоа не им дава можност на медиумите да не зависат од никого, односно да бидат слободни во процесот на креирање и создавање на вести и информации во битка за вистината. Практично, таа спрега меѓу политиката, бизнисот и медиумите постојано опстојува без оглед кој е на власт во земјава. Тоа можеби не е на она вулгарно ниво на коешто беше порано, меѓутоа зад кулисите се случуваат тие проблеми коишто новинарите ги држи во неизвесност од која подоцна зависи како ќе се движи слободата на медиумите.
Од друга страна, исто така, имаме сериозен проблем кој се провлекува низа години во општеството, а тоа е неказнивоста за нападите и заканите врз новинарите.
Во последниот извештај на Репортери без граници се посочува токму овој проблем кој влијае на слободата на говорот на медиумските работници во земјава. Па така иако имаме многу бавен напредок во слободата на изразување, овие меѓународни институти постојано ги посочуваат овие слабости во македонското општество во кое речиси и воопшто не се решаваат заканите кон новинарите, односно тие и да немаат институционална судска завршница.
Понатаму, она што треба да биде приоритет во медиумскиот простор, а тоа е дека треба да се направи една дистинкција во однос на тоа што значи релевантен медиум, што значи медиум и новинарство кое се бори за објективно и професионално новинарство, а што значат медиумите што се основаат или се основани заради пропагандистички цели.
Затоа, во наредниот период една од важните работи на кои треба да се посвети државата е да направи усогласување на медиумските закони со европските правила за подобрување и поттикнување на економската средина во која функционираат медиумите.
Подигање на статусот на новинарската професија е исто така неопходно. Со години, новинарските работници во земјава се непријавени, односно работниот статус во договорите им се продолжува од месец за месец, проблем кој влева дополнителна несигурност во професијата и влијае врз слободата на говорот.
Секоја влада, вклучително и оваа, може и мора да стори повеќе во однос на слободата на медиумите со тоа што ќе го остави новинарството слободно да функционира на пазарот и да се бори врз еднакви пазарни услови, да овозможи квалитет и достојна битка и битка за вистината.
Затоа инсистирањето на квалитетно и етично новинарство е приоритет за секоја земја вклучително и нашата, независно од платформата од која тоа се пласираат информациите. Токму во тој контекст кога живееме дигитално, во ера на дезинформации и пропаганда, како што сега ги гледаме поради случувањата во Украина, неопходно е регулирање на медиумскиот простор и кревање на стандардот за известување налик на западните демократии.
Тоа е возможно да се направи, само ако сите заедно му помогнеме на професионалното новинарство и јавниот дискурс, со квалитетни медиуми и работници во земјава кои можат да возвратат позитивно на општеството, преку изнесување на критика и креирање на јавното мислење во демократска клима на вредности која ќе биде отпорна на дезинформации и лажни вести.