Неодамнешна блиска средба на руски патнички авиони со авион на НАТО за која известија руски агенции, беше повод за бројни објави но и дезинформации кај дел од македонските медиуми.
На 5.12 2021 порталот Инфомакс објави сензационалистички наслов „Xaос на македонското небо, вoeни авиони на НАТО за малку не пpeдизвикаа авионска нecpeќа со руски авион“.
Насловот експлицитно тврди дека имало „хаос над македонското небо“ предизвикан од „воени авиони на НАТО“. Но, во текстот нема никаква информација за дејствување на „воени авиони на НАТО“ на македонското небо. Има информација за авион на НАТО „над отворените води на Црното Море“, како што соопштила портпаролката на руското МНР која е извор во текстот.
Демант за наводите на Инфомакс дојде и од Министерството за одбрана „Споменатите информации во насловот на електронскиот медиум за македонското небо се дезинформации“, велат од Министерството за Цивилмедиа.
Информацијата во текстот дека еден од цивилните авиони што летале „над отворените води на Црното Море“ патувал кон Скопје не е оправдување за дезинформацијата дека се случувал „хаос над македонското небо“ предизвикан од „воени авиони на НАТО“.
Накусо, Инфомакс продолжува да создава информациски хаос со непроверени информации и очебијни дезинформации, кои предизвикуваат реакции и кај читателите, за што сведочат и бројни негативни коментари под објавата на Фб страницата на Инфомакс. Со вакви објави, освен губење на довербата и критики од публиката, ништо друго и не може да се очекува.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски