поентира: ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ
Неолибералниот капитализам е либерален, демократски и хуман онолку колку што дозволува капиталот.
*
Морална обврска на газдите е да ги помагаат работниците од заштедата која со нив ја оствариле.
*
Знае ли некој, освен “координаторот” на Владата, кој е контекстот од каде е изваден овој текст: „Ако ИВЗ не добие помош од Владата, не дај боже, ќе ја повлече забраната за собири и тогаш ќе нема сила што ќе може да нѐ брани од епидемијата со коронавирусот. Ќе станеме Бангладеш”.
*
Само поради големата желба секој ден да се сликат пред телевизиските камери, некои министри присуствуваат и таму каде што не треба.
*
Не стои ДУИ и натаму на ставот дека во моментот не треба да се направи кратење на платите во јавната администрација, за тоа што нејзината политика е конзистентна и секогаш останува и донесува одлуки и анализи во склоп на приходите и расходите на буџетот, како што демагошки истакнува еден министер во улога на партиски пропагандист. Против се, зашто само во јавната администрација или се вработени или без да работат примат плата, голем број нивни избирачи, заедно со нивните роднини и пријатели.