Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Public“, заедно со „Лице в лице“, денеска организираа панел-дебата по повод , 20 Февруари – Меѓународниот ден на социјална правда.
Дали во Македонија има социјална правда, како работат синдикатите, колку се заштитени рабтниците и нивните права, дали постои можност да се намали невработеноста кај младите и како можат да се подобрат условите на пазарот на трудот…, се дел од прашањата на кои се обидоа да дадат одговор учесниците на двете панел-дискусии: „Доживотно учење како начин за постигнување социјална правда“ и “Кои се факторите кои влијаат на високата невработеност кај младите?“
На настанот беше промовиран и 19–от број на списанието „Лице в лице“ чија тема е токму социјалната правда која го опфаќа и степенот на сиромаштија, односно, јазот меѓу сиромошните и богатите, кој не остава простор за средна класа.
Милан Живковиќ, од Фондацијата „Фридрих Еберт“, на првата панел-дискусија, изјави дека не можеме да зборуваме за социјална држава, ако немаме социјална правда, а мотивацијата треба да ја бараме прво во себе. Платформата за активизам, „Лице в лице“, како што вели Живковиќ, исполнува еден од тие сегменти, вклучувајќи ги маргинализираните лица во еден активен ангажман.
[youtube width=”600″ height=”400″]https://www.youtube.com/watch?v=f48wSvXD8kk[/youtube]
Освен Живковиќ, на првата панел-дискусија учесници беа и Марјан Ристески од Конфедерација на синдикални организации и Марина Анчевска, НЛП тренер, основач на Центарот за бизнис-психологија.
Д-р Марија Топузовска Латковиќ од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Јулијана Прчковска, менаџер за COSEED за Македонија (консултант за стартапи) и Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум беа говорници на втората панел-дискусија.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе го одбележи Меѓународниот ден на социјалната правда – 20 Февруари, заедно со Фондацијата „Фридрих Еберт“, со проекција на филм од видео-исповедите на жртвите на социјалната неправда во Република Македонија, снимени минатата година.
Покрај видео-проекцијата која ќе трае околу половина час, организаторите ќе отворат дискусија за сознанијата од истражувања на теренот, за злоупотребата на социјално ранливите категории во изборен контекст и за други аспекти на социјалната правда во земјата, како и најава за настаните и активностите на тема социјална правда во Македонија.
На настанот утре, со почеток во 12 часот во хотелот „Сити Парк“, поканети се медиумите, организациите на граѓанското општество и заинтересираните граѓанки и граѓани.
Биљана Јордановска
Камера Дехран Муратов