На прес-конференција на СДСМ, членот на Централниот одбор Александар Саша Димитријевиќ обвини дека, како што рече, власта на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски продолжуваат со сериозни злоупотреби и сомнежи за корупција, непосредно пред одржувањето на партискиот конгрес.
Димитријевиќ посочи дека партијата денеска објавува нов случај за кој тврди дека открива „системско извлекување пари“ преку фирми блиски до функционери на власта.
Според СДСМ, повеќе институции и општини предводени од ВМРО-ДПМНЕ склучиле вкупно 161 договор, во вредност од околу 5,36 милиони евра, со фирма поврзана со семејството на Ивица Томовски, директор во Служба за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Фирмата, чиј сопственик при основањето бил таткото на Томовски, а управител негов близок роднина, во меѓувреме го сменила името, но не и матичниот број и адресата.
Во 2024 година, како што наведуваат од СДСМ, деловната активност на фирмата пораснала за 306 проценти, а само во 2025 година веќе добила нови договори вредни околу половина милион евра.
„Само оваа 2025 година, фирмата добила 10 тендери од речиси половина милиони евра. Сопственик на Сити логистик во мометнот кога е основана е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски а управител Слободан Кутановски, нивни близок роднина.
Потоа се менува името на фирмата, Сити аутсорсинг. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно фамилијарните бизниси течат“, велат од СДСМ.
Партијата порача дека борбата против корупцијата станува заеднички фронт со граѓаните и дека, како што велат, „работата е далеку од завршена“.
















































