Носителот на независната кандидатска листа за Кичево, Алит Абази беше застрелан во Кичево, вчера, околу 18:30 часот, како што јави мониторинг тимот на ЦИВИЛ веднаш по инцидентот синоќа. Јавниот обинител Ахмед Ахмеди за ЦИВИЛ Медиа изјави дека истрагата е во тек и дека е рано да се зборува за мотивите. Осомничениот е во притвор. Двајцата повредени врз кои е пукано од зад грб, се вон животна опасност, а случајниот минувач, инаку новинар, кој бил повреден во пукотницата, е пуштен на домашно лекување.
Добро информирани извори споделија неколку неофицијални податоци во врска со овој оружен инцидент. Абази бил итно пренесен на хируршка интервенција во Скопје, на операција која, веројатно траела до утринските часови. Според изворите на ЦИВИЛ Медиа, фактот дека Абази е носител на независна кандидатска листа е случаен, а оружениот напад нема политичка заднина. Во прашање се, според наводите, имотно-правни односи, факт кој допрва треба да го потврди или одрече истрагата.
Напаѓачот, по обидот за убиство, отишол во локалот „Романса“ и нарачал кафе. Потоа дошла полиција, едниот полицаец го удрил со тупаница и го совладал, по што напаѓачот бил уапсен, како што наведуваат неофицијалните извори.
Оваа караница меѓу Абази и неговиот напаѓач, според наводите на неофицијалниот извор на ЦИВИЛ Медиа, трае повеќе години. Пред неколку години, истиот напаѓач се обидел да му го одземе животот на Абази, но во тој напад, исто така, со огнено оружје, настрадало друго лице. Напаѓачот бил осуден на затворска казна, од која излегол неодамна. Решил да ја заврши „работата“, започната пред неколку години.
Но, до соопштување на официјалните податоци за овој оружен инцидент, сево ова останува во сферата на шпекулациите.
Џ. Д.