Кој прв ќе попушти, новинарите или поранешниот премиер Никола Груевски? Целата јавност будно ја следи ситуацијата пред затворот во Шутка каде цела ноќ, како да се води своевидна игра со нервите меѓу новинарските екипи и правосилно осудениот Груевски што денеска требаше да се појави во затворот. Но, тој исчезнал и во моментов нема никаква трага од него.
Новинарите, повикувајќи се на неофицијални информации се сомневаат дека Груевски не сака да го избегне затворот, туку камерите.
Но, новинарите се одлучни да не му дозволат на Груевски да влезе во Шутка незабележано. И во часовите доцна по полноќ, 3-4 новинарски екипи стојат пред влезот на затворот Шутка, а до полноќ бројот на телевизиските екипи беше над десет. Уште толку екипи беа од печатените медиуми и порталите. Наспроти ниските температури и стоењето на нозе повеќе од 6 часа, снимателите и новинарите се одлучни да ја поминат целата ноќ пред затворот Шутка за да го пречекаат Груевски да го снимат како влегува во затворот во кој тој испрати многумина свои неистомисленици додека владееше со Македонија.
Тротоарот спроти затворот Шутка стана не само прес центар, туку и кујна за новинарите кои таму јадат, а колите станаа место за краток одмор и топлина на вечерашните ниски температури.
Меѓу новинарите од разни медиуми може да се забележи високо ниво на солидарност и меѓусебна помош од секаков вид.
Од време на време, новинарите ги посетуваат и групи граѓани кои неретко застануваат и се обидуваат да добијат некоја информација која сѐ уште не е објавена. Тие се гостопримливи кон новинарите. Неретко, жителите во околината на затворот Шутка им излегуваат на пресрет на новинарските екипи на многу начини, со разни услуги, нарачки во продавници, купување на пијалаци и храна, што е од голема помош, бидејќи екипите не можат и не сакаат да ги напуштат своите позиции ни на едена минута.
И во овие доцни часови, случајни минувачи подзастануваа и прашуваат: „Кога ќе дојде Груевски?“
Сите заедно го чекаме…
Во меѓувреме, пристигна и утешната награда – обвинетите во случајот „Империја“, Орце Камчев и веројатно уште еден или двајца од 13-те обвинети влегоа низ тешките метални порти на затворот. Сашо Мијалков, исто така обвинет во „Империја“, не беше меѓу нив.
Остануваме да го чекаме Груевски.
Арбен Зеќири
Фотографија: Маја Ивановска