ВЕСТ НА ДЕНОТ
Нов портал во македонскиот медиумски простор: Рацин.мк – За расудување на духот на времето
Од денеска медиумското семејство на интернет просторот во Северна Македонија порасна за уште еден член – рацин.мк, портал за расудување на духот на времето.
Порталот Рацин.мк е основан за да го заземе своето место како портал со мисија да понуди информации, длабински анализи и други медиумски формати коишто, во светот преплавен со дезинформации, ќе им обезбедат на читателите содржини на кои ќе им веруваат, вели главниот уредник Зоран Бојаровски.
Само нашите вредности ги одредуваат темите што се од интерес и што произлегуваат од нашите основачки вредности и уредувачка политика.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Не би ја коментирал изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, бидејќи Бугарија е во избори. За влез во ЕУ ние не преговараме со Бугарија, туку со Унијата во Брисел и вето нема да има, бидејќи ние веќе ги почнавме преговорите, изјави денеска во одговор на новинарско прашање премиерот Димитар Ковачевски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
БЕЗБЕДНОСТ Во 18 основни и средни училишта во Скопје денеска повторно има закани за поставени експлозивни направи.
СОЛИДАРНОСТ Дополнителен армиски состав од 36 припадници од баталјонот за специјални сили, обучени за спасување и пребарување во урнатини, денеска претпладне од касарната „Илинден“ во Скопје замина во Турција каде ќе учествува во хуманитарната операција во областите кои се најмногу погодени од катастрофалните земјотреси.
ЗДРАВСТВО Немам намера да чекам низ бирократските лавиринти за да се преземе нешто, туку уште утрово се преземени конкретни чекори и решив веднаш да се одвојат финансиски средства од Фондот за здравствено осигурување за најкритичните болни од цистична фиброза, информира премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашање по посетата на компанијата „Варус Бионика Фармацеутикалс“.
ЕКОНОМИЈА Со макрофинансиската помош до 100 милиони евра, Европската комисија стои до Северна Македонија ублажувајќи ги последиците од руската агресија врз Украина, поврзани со снабдувањето со електрична енергија и економските импликации од истата и нема никаков притисок од ЕУ за уставните измени со помошта која ја даваат на Северна Македонија бидејќи уставните измени се наша обврска која сме ја презеле со прифаќањето на Францускиот предлог и која произлегува од преговарачката рамка, велат од Секретаријатот за европски прашања за ЦИВИЛ Медиа.
ГРАД СКОПЈЕ Одложено е судското рочиште на „Слобода превоз“ и ЈСП по барање на скопското јавно претпријатие поради тоа што не им било готово вештачењето на тужбата.
ХАКЕРСКИ НАПАД ФЗОРСМ ја известува јавноста дека осигурениците можат да ги остваруваат правата преку Подрачните служби на Фондот, кои во континуитет ќе ги примаат барањата. Покрај ова, Подрачните единици се достапни и телефонски преку јавно објавени линии за информации за осигурениците, на кои истите можат да се обратат.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Макрон му додели на Зеленски орден „Легија на честа“ и вети дека Франција ќе и помогне на Украина да постигне праведен мир
*
Лидерите на ЕУ денеска го поздравија доаѓањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Брисел за неговата прва посета во „срцето“ на Унијата по руската инвазија.
„Добредојдовте дома, добредојдовте во ЕУ“, твитна шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел на фотографијата на која се ракува со Зеленски, заедно со шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
*
Украинските сили ги одбиваат непријателските напади во три региони, бројот на загинати руски војници надмина 135.0000.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Непосредно пред „ограничената воена операција“ врз Украина, руските школувани кадри за сајбер војна ги нападнаа образовните установи во оваа земја, па и оние за претшколска возраст, со пораки за поставени бомби. Вистинските бомби дојдоа потоа. Опомената кон Србија и Македонија за „нелојалноста“ дојде лани, најпрвин кон учениците, а потоа и кон другите установи. Во Црна Гора и БиХ заканите прво беа кон институциите, а потоа се свртеа кон училиштата“, пишува Љубомир Костовски во колумната под наслов Лажните бомби: Стаклениот ѕвонец на „рускиот свет“.
„Нечовечно е да се биде „неутрален“ кон монструозните злосторства што ги спроведува рускиот агресор против цивилното население и воените заробеници. Тоа не може да се нарече неутралност, туку бесчувствителност! И соучесништво во злосторството!
Нема аргументи со кои „неутралноста“ во оваа тешка човечка и светска трагедија може да се одбрани. Проруските позиции и ставови не сакам ни да ги коментирам. Тие се злосторство.
Ајде еден приземен пример. Гледате „неутрално“ како некој подложува на тортура или убива некој друг човек. И не осудувате, не повикувате да престане, не повикувате никого на помош. Тоа е неутралност или соучесништво? Одговорете си искрено“, пишува Џабир Дерала во колумната „Неутралци“ или бесчувствителни соучесници?
„Куќите имаат делови каде се собираат тајните. Таваните имаат некоја мистика, како да се некаква временска капсула која ги чува предметите заедно со спомените за нив. Интересно е кога се качи човек на таванот по некоја најобична причина и од таму слезе со сознанија за денешнината. Како некој потсетник дека некои општи правила важат за сите времиња. Предметите оставени на таванот едноставно нѐ потсетуваат дека сѐ има свој век на употреба и некакво општо значење, лесно за споредување со состојбите од денешнината“, пишува Војо Маневски во колумната „Папенов лонец“.
„Борбата за мир и човекови права бара долгорочна посветеност и истрајност. А поинаку и не можеш да им се спротивставиш на попатните фрустрации. Тешко се мерат резултатите, а уште потешко се справуваш со неуспесите. Понекогаш поддршката од соборците е искрена и постојана, а понекогаш привремена, да не речам проектна. Често си сам. Опкружувањето, по дефиниција е против тебе или во најмала рака, не е со тебе – никој не сака да си го наруши својот комодитет за некакви си човекови права или за мир таму некаде во светот“, пишува Љуан Имери во колумната „Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е инвестиција во долгорочен мир“.
Д. Муратов