Во јавноста беа објавени првите сателитски снимки од руската воздухопловна база на Крим по експлозиите. Сателитските снимки покажаа значителна количина на уништена воена авијација на руските воздушни сили, пренесува порталот Мил.ин.уа.
Во базата кај Новофедоривка е сместен 43-от борбен полк на руските воздушни сили, каде Русите главно стационирале повеќенаменски ловци Су-30СМ, Су-24МР за тактичко извидување , воен авион Ил-76 и други авиони.
Воздухопловните сили на вооружените сили на Украина известија дека потенцијално околу 10 руски борбени авиони биле уништени во базата.
Очигледно е погодено складиштето за авијациско оружје, ако се земат предвид фотографиите од експлозиите и фактот на сериозна детонација.
Исто така, веројатно е дека експлозиите во Новофедоривка на окупираниот Крим можеле да се случат поради акциите на украинските специјални сили и групи на отпор.
Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак изјави дека Кијив не е одговорен за експлозиите во руската воздухопловна база на Крим, сугерирајќи дека можеби станува збор за диверзантски акции на партизански единици
Руското Министерство за одбрана претходно објави дека експлодирала авионска муниција на аеродромот Саки на Крим, но дека немало никаков напад и дека ниту еден авион не е оштетен.
Окупираниот Крим за Русија стана не само мост за офанзива од југ на копнените сили, туку и погодна база за воздушни напади. Од Новофедоривка полетуваа авионите кои вршеа ракетни напади врз Украина, особено противрадијациони ракети за да ја потиснат украинската воздушна одбрана.
Тука се наоѓаат најмалку две големи воени воздушни бази, кои Руската Федерација активно ги користи во војната против Украина.
Една од клучните воздушни бази за руската авијација во окупираниот Крим се наоѓа во близина на градот Новофедоривка, и беше подготвуван за непосредни непријателства пред почетокот на целосна офанзива.
Подготви: Д.Мишев