ВЕСТ НА ДЕНОТ
Дел од обвинетите во случајот „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности и злоупотреби, на денешното судско рочиште признаа вина. Меѓу оние кои се изјаснија како виновни се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешната заменичка министерка за права Билјана Бришковска-Бошковска и Мартин Протуѓер, шеф на кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој исто така е обвинет во овој предмет, но е во бегство во Будимпешта.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Северна Македонија е во групата на „демократии со недостатоци“ на Индексот на демократијата 2021, на Истражувачката група на Економист, напредувајќи пет места во однос на минатата година кога беше оценета како „хибриден режим“. Земјава годинава е рангирана на 73 позиција, со вкупна оценка од 6.03.
Според критериумите по кои се врши рангирањето, Македонија во четири од вкупно пет категории има оценки над просечната од 6.03. Најдобра е во делот на изборен процес и плурализам – 7.42, а најлоша е во политичка култура – 3.13. Функционирањето на владата е оценето со 6.43, политичкото учество – 6.11 и граѓански слободи – 7.06.
Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ-Центар за слобода коментирајќи го извештајот за Слободен печат, вели дека политичката култура зависи од целокупното социјално милје на земјата што подразбира дека никогаш нема да забележиме напредок, ако во процесите не се вклучени под еднакво сите општествени чинители.
„Ова е пред се’ од енормната силна пропаганда со омраза и дезинформации кој се присутни во јавната комуникација. Граѓанското општество можеби е најзаслужното за подобрувањето на состојбите во овој домен (изборен процес и плурализам), а со тоа и ЦИВИЛ како една од двете најголеми организации кои се занимаваат со овие прашања има свој удел“, изјави Дерала за „Слободен печат“.
За да се подобри и понатаму перцепцијата и ситуацијата во делот на негување и практикување на демократијата, Дерала смета дека треба искрен, доследно и конзистентно залагање на сите општествени чинители.
„Искрено, доследно и конзистентно залагање за националните интереси на земјата, јакнење на политичката култура и негување на човековите права и слободи на сите нивоа. Подобрување на политиките и практиките на сите политички партии, а не само на еден дел од нив“, нагласи Дерала.
ФЛЕШ ВЕСТИ
112 Од денеска во Република Северна Македонија започнува да функционира линијата за итни повици 112 како единствен повикувачки број кој важи на целата територија на Европската Унија. Наместо досегашните 192, 193, 194 и 195, односно полиција, брза помош, противпожарна единица или Центарот за управување со кризи, граѓаните со едноставно вртење на 112 можат да ја добијат која било услуга, односно доколку имаат каков било итен случај и потреба од државата.
ИНТЕГРАЦИИ На Меѓународниот аеродром Скопје утрово во 09:40 пристигна авионот од Софија на авиокомпанијата „Гуливер“. Со ова се реализира првиот лет кој директно ги поврзува двата главни града на Македонија и Бугарија.
ПРАВДА Обвинителката Лиле Стефанова на денешното рочиште за предметот „Титаник” по признанието на вина на дел од обвинетите, пред судот ги претстави олеснителните и отежителните околности и посочи на ублажување и условување на казните.
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Конфедерацијата на слободни синдикати бара до средината на март усогласување на останатите плати со минималната плата, во спротивно не ја исклучуваат можноста за генерален штрајк на јавниот сектор.
МЕДИУМИ Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираат дека група новинари, фоторепортери и сниматели, иако уредно поканети и акредитирани за следење на денешниот настан на Скопскиот аеродром, биле неприфатливо третирани и попречени да известуваат од страна на службите за обезбедување.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Бранислав Светозаревиќ – доктор по историски науки, архивист, автор на бројни научни трудови, добитник на бројни награди.
Тој зборува за своето најново капитално дело „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“, но и за себе, за својот научен опус и за уште по нешто.
ОЗБИЛНО
„Откако дел од обвинетите во случајот „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности и злопутреби, на денешното судско рочиште признаа вина меѓу кои како виновни се изјаснија поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешната заменичка министерка за права, Билјана Бришковска-Бошковска и Мартин Протуѓер, во ексклузивна изјава за „Озбилно“ азилантот Никола Груевски од Будимпешта истакна дека се срами од неговите колеги.
„Не ми се верува со какви луѓе сум работел. Едноставно немам коментар за тоа што го направија. Се уште сум во шок! Не можам да се соземам дека моите сопартијци ми работеле зад грб и местеле избори. Јас немам што повеќе да кажам, освен дека „ме уби туѓа срамота“ што би рекол народот“, истакна Груевски за Озбилно.“, пишува Ми Ле Ми Текна во козеријата „Груевски за Озбилно: Се срамам од моите сопартијци кои зад мојот грб местеа избори“.
Д. Тахири