ЦИВИЛ денеска објави повеќе наводи за сериозни изборни нерегуларности во две избирачки места во општина Долнени, а кои ги доби од партијата Алијанса за Албанците. Веднаш по објавувањето, ЦИВИЛ се обрати и до Јавното обвинителство со прашањето дали оваа институција планира да преземе соодветни законски дејствија соодветно на овие и други пријави за наводните нарушувања на изборниот процес и кршењето на Изборниот законик и други закони кои ја регулираат оваа материја?
Одговорот пристигна експресно и гласи:
Јавното обвинителство ги следи сите информации и сите пристигнати пријави со сомненија за евентуални нарушувања на изборниот процес кои се доставуваат директно до надлежните обвинителства или на електронската адреса [email protected].
Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, Обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности.
ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи, спроведува изборен мониторинг од 2008 година и се труди да даде свој придонес кон разоткривањето на изборните нерегуларности. За да ја постигне својата цел, ЦИВИЛ најмногу се потпира на своите мобилни набљудувачи, распоредени низ целата земја. На предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули, ЦИВИЛ акредитираше 314 изборни набљудувачи.
Во работата на ЦИВИЛ се вклучуваат и голем број граѓански новинари и активисти кои во континуитет испраќаат информации за изборниот процес, но и за низа случаи во областа на човековите права и слободи. Исто така, организацијата се профилира како една од највидливите во борбата против лажните вести и говорот на омразата. Граѓанското учество во овие активности е од пресудно значење.