CivilFest
Categories

ОЈО Обвинителството од Струмица сомничи пет лица за криумчарење цигари

Основното јавно обвинителство Струмица поведе постапка против пет лица за сторено кривично дело криумчарење цигари. Тие се осомничени дека вчера се обиделе да пренесат непријавена стока – цигари преку див премин на македонско-бугарската граница.

– Од страна на овластени полициски службеници биле откриени и сопрени на два километри од граничниот камен, при што во двете возилата со кои се превезувале им биле пронајдени 66 картонски кутии со околу 3.300 штеки цигари, во вредност од 3.245.589 денари, се наведува во соопштението.

Станува збор за криумчарење поголемо количество непријавена стока, за кое кривично дело согласно Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.

Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Струмица предложи определување мерка притвор за четири лица, додека за едно, од здравствени причини, се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во суд, велат од Обвинителството. (МИА)

Print Friendly, PDF & Email