Неколку илјади граѓанки и граѓани на Скопје испратија пораки од протестниот марш што вчера го организираше граѓанската иницијатива „Кој е следен?“. Протестниот марш тргна од паркот Жена-борец по што се упати кон седиштето на владата.
Бараме оставки, Убијци, Не ви се плашиме, Правда за Росица, Правда за Катја – се само дел од слоганите што беа извикувани пред владата.
Критиките на протестот беа директно упатени кон највисоките државни функционери, вклучувајќи ги премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Активистката Калиа Димитрова јавно го прозва Панче Тошковски за случајот на Росица, која наводно директно барала заштита од него пред нејзиниот живот да биде сериозно загрозен. Демонстрантите изразија револт поради јавните настапи на функционерите со кои се повикуваат жртвите да пријавуваат насилство, додека истовремено институциите потфрлаат во спроведувањето на постоечките закони. Барањата на маршот вклучуваа оставки од одговорните лица во МВР и владата, итна промена на пристапот на институциите кон пријавите за семејно насилство и прекин на практиката на повлекување на пријавите под притисок, како и признавање на постоењето на „епидемија на насилство“ врз жените и итно усогласување на институционалното дејствување со законските обврски.
Извор: Градска.мк












































