Трети декември е Меѓународен ден на лицата со попреченот, кој е прогласен од страна на Обединетите Нации во 1992 година и се одбележува насекаде во светот.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, има за цел да поттикне подобро разбирање од страна на општеството, да се поттикнат луѓето и институциите да станат посвесни за правата на лицата со посебни потреби, како и да се подигне свеста за придобивките од интегрирањето на овие лица во секој аспект на животот и општеството.
Годинешното мото е „Оспособување на лицата со попреченост и обезбедување на инклузивност и еднаквост”, која ќе се фокусира на зајакнување на лицата со попреченост за инклузивен, правичен и одржлив развој, предвиден во Агендата за одржлив развој од 2030 година.
Во Македонија, Меѓународниот ден на лицата со попреченост ќе се одбележи со низа активности.
Во свечената сала на Владата на Република Македонија ќе се одржи настан на тема „Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост“. Обраќања ќе имаат премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, Националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост Спасе Додевски, шефот на делегацијата на Европската Унија Самуел Жбогар и претставник на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, Чедомир Трајковски.
Заменик-народниот правобранител ќе го презентира Извештајот од спроведеното истражување за вклученоста на децата со попреченост во предучилишното образование, кој е изготвен врз база на податоците од анкетните прашалници доставени до сите предучилишни установи во Република Македонија.
Извештајот е подготвен од страна на канцеларијата на Народниот правобранител и невладината организација „Отворете ги прозорците“ со финансиска поддршка на Европската унија и канцеларијата на УНИЦЕФ.
Одбележување ќе се одржи и во организација на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје во аулата на факултетот каде е предвидена програма од редовните и посебните основни училишта и хуманитарна ликовна работилница со студентите од Факултетот за ликовни уметности.
А. П.