Каква политичка култура- такви избори
Општата оценка на ЦИВИЛ за изборниот процес е дека беше слободен, фер и демократски. Сепак, и овој изборен процес на површина ги исфрли сите слабости на изборниот систем и сериозните недостатоци во политичката и изборната култура во земјава.
Кршење на изборниот молк, родовиот дисбаланс, црната кампања и говорот на омраза во текот на изборниот процес за локалните избори што се одржаа вчера, за Изборниот законик и се друго што го одбележа изборниот ден, но и предизборната кампања, во Изборниот рапорт на ЦИВИЛ #24: Каква политичка култура – такви избори.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Дерала: Изборниот процес го одбележа црната кампања и родово базираниот говор на омраза
„Ако видите дека за време на изборни процеси сме имале и убиства, за локални избори имавме и „олимписки“ кругови, по седумдесет или сто луѓе на една адреса итн., влечени за уши, овие избори беа фер и демократски. Реално гледано, овие избори беа без инциденти, дури и бројката од 91 инцидент од Спасовски, и нас не изненади, мислевме дека има и помалку. Имаше низа нерегуларности коишто се однесуваа повеќе на кршење на изборниот молк…
Има еден голем проблем, тоа што македонската политичка култура е таква што има огромна „толеранција“ кон црната кампања, и особено, родово базираната црна кампања. На тие малку жени кои имаа среќа да влезат во битката за локална власт, имаше неверојатна црна кампања која навистина е за срамота.
Г-ѓа де Зулуета во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА изјави дека била шокирана кога дошла овде и кога ја видела претходната ситуација. Сега веројатно ќе биде нешто полоша.“, изјави Џабир Дерала на Утрински брифинг.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА ОЈО Скопје оформи три предмети за сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето и тоа за „пукање со огнено оружје“, за „изнуда“ и за „уништување на изборен материјал“, ОЈО Кавадарци отвори еден предмет за „уништување на изборен материјал“, ОЈО Свети Николе еден предмет за „поткуп“, ОЈО Кочани седум предмети, меѓу кои за „поткуп“ и „повреда на слободата на определување на избирачите”, ОЈО Делчево еден предмет за „уништување на изборен материјал“, ОЈО Струга предмет за „уништување на изборен материјал“, ОЈО Гостивар предмет за „повредна на тајноста на гласањето“ и ОЈО Гостивар предмет за „поткуп“.
ИЗБОРИ Согласно обработените 100 отсто од податоци од Државната изборна комисија (ДИК) до 9:30 часот денеска, на вчерашните Локални избори во првиот круг избрани се 27 градоначалници, од кои за еден не е исполнет цензусот за излезеност, а се уште не се целосно обработени гласовите за 15 општини и Градот Скопје.
ДИПЛОМАТСКА СРЕДБА Министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ денеска во Луксембург ќе разговараат за односите со Западен Балкан, во контекст на средбата помеѓу високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и лидерите од регионот во ОН.
ГОВОР НА ОМРАЗА
Говор на омраза по партиска и етничка припадност
Во текот на вчерашниот ден, покрај тоа што се кршеше изборниот молк, на социјалните мрежи доминираше и говорот на омраза.
На Твитер е објавена фотографија од извесен профил Султана која сподели фотографија од прилепски Роми, поддржувачи на кандидатот за градоначалник на СДСМ, Горан Сугарески со коментар: „Колку вреди во евра сликава“. Дел од коменратите се: „циганарија“, „циганин сам ал најлепши“, „не знам колку вреди ама знам колку смрди“, „5 евра по ѓуптин“…
СЛОБОДНА ЗОНА
„Изборите, генерално, се одржаа во демократска атмосфера – опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека гласањето било „со многу позитивна енергија“, власта дека сме имале „фер, слободни и демократски избори“ – и покрај разните „превентивни“ постизборни набројувања на случаи на наводен поткуп и притисок врз гласачи. На еден час по изборите, Оливер Спасовски соопшти дека на денот на гласањето биле пријавени само 91 изборни „настани“, без посериозни инциденти, што е многу помалку од некои минати изборни времиња. Добро изведените избори се важен тренд за стабилизирање на демократијата во Македонија.“, Сашо Орданоски во колумната „Дали изборната „чаша“ е половина празна или половина полна, зависи од тоа колку сте жеден“.
Д. Тахири