Околу 40 проценти од бегалците, заглавени на грчкиот остров Лезбос, се деца, соопшти денеска претставник на организација Лекари без граници.
Од над 2.000 деца кои живеат во преполниот камп на островот, 432 се малолетници без придружник, изјави Апостолос Веизис, претставник на Лекари без граници во Грција.
Тој додаде дека во болниците што ги организирал во областа, 52 отсто од пациентите биле деца под пет годишна возраст.
Покрај децата во кампот, има и многу бремени жени, како и околу 500 луѓе на листа на чекање за психијатриско лекување.
Веизис го критикуваше недостигот на политичка волја за изнаоѓање решение за ова прашање, велејќи дека договорот меѓу Турција и Европската унија за бегалците и мигрантите ги „ставил во стапица“ и двете земји, наместо да го реши проблемот.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.