Државава нема да биде добро место за живеење за никого, доколку не ја направиме да биде добро место за живеење за секого, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски, „Честит празник! Заслуживме!“.
ПОПИС: Апел за вклучување во пописот дојде и од Европската комисија која ги охрабри сите во Северна Македонија да учествуваат во процесот на попишување на населението и додаде дека пописот е дел од процесот за пристапување во ЕУ.
САМИТ: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, од денеска до 9-ти овој месец ќе учествува на Петтата светска конференција на претседатели на парламенти и Првиот парламентарен самит за борба против тероризмот, во Виена, Австрија, во организација на Интерпарламентарната унија (ИПУ) и Австрискиот парламент, а во соработка со Обединетите нации и на неа се очекува присуство на повеќе од 110 претседатели на парламенти од целиот свет.
ФИНАНСИИ: За денеска на вториот ден од Првата годишна конференција, што ја организира Министерството за финансии, посветен на јавните и приватните инвестиции, на зелената економија и човечкиот капитал, најавени се три панели, а воведни обраќања ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
СУДСТВО: Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска преку видео врска имаше обраќање на настанот организиран од ЕПИ на тема „Дигитално судство – нова ера на реформите на македонскиот правосуден систем“. Маричиќ посочи дека како Министерство свесно или не, се соочуваат со оргомни промени кои ги наметна дигиталната ера.
ЕКОНОМИЈА: Партнерството со Светска банка идниот период ќе се фокусира на дигитализацијата како една од системските мерки за борба против корупцијата, паралелно со поддршката на програмите за справување со сивата економија, ова го истакна премиерот Зоран Заев на денешната средба со регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и со директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи на која присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, како и министерот за финансии Фатмир Бесими.
ВЛАДА: Владата на Република Северна Македонија, денеска напладне ќе ја одржи редовната 104-та седница со повеќе точки од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.