Поддршката за Украина, политиката на отворени врати на НАТО, зајакнувањето на Источното крило на Алијансата, како и значењето на регионот на Црното Море за целокупната трансатлантска безбедност, беа во фокусот на дискусиите на вториот ден од министерскиот состанок на НАТО во Букурешт, на кој учествува и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Како што соопшти МНР, на состанокот на кој присуствуваат и министрите за надворешни работи на Финска, Шведска, Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, беше изразена поддршка за Украина, а воедно стана збор и за заканите и предизвиците од авторитарните актери и стратешките конкуренти на НАТО во повеќе региони, вклучувајќи го и Западниот Балкан.
Во своето обраќање, Османи нагласи дека Северна Македонија како дел од Западен Балкан и најнова членка на НАТО, одблиску ја познава трансформативна моќ на европската и евроатланската интеграција и токму затоа силно ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата и процесот на проширување на Европската унија. Според него, за време на војна на европскиот континент, европските и евроатланските интеграции на земјите од Западен Балкан се клучни за одржување долгорочна регионална и европска стабилност.
– Денес, заедно со министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, како најмногу погодени земји од војната во Украина, имаме можност да размениме мислења за тоа како дополнително да ја зајакнеме нивната отпорност и да ги развиеме нивните капацитети, поддржувајќи ја нивната политичка независност. Западен Балкан и Црното Море остануваат региони од стратешко значење за Алијансата. Нашето партнерство е клучно во справување со заедничките закани и предизвици, додаде Османи.
Од Букурешт Османи ќе отпатува за полскиот град Лоѓ, каде ќе учествува на 29-от Министерски совет на ОБСЕ, по кој Северна Македонија го презема претседателството со Организацијата.