Самитот ЕУ – Западен Балкан што треба да се одржи на 6 декември во Тирана е голем настан и е сериозна порака за посветеноста на ЕУ во регионот, оцени денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој најави дека владината делегација на овој Самит ќе ја предводи претседателот на Владата, ќе бидат остварени и билатерални средби со премиери на држави членки на ЕУ, но ќе учествуваат и во сесиите што ќе бидат дел од Самитот, објави МИА.
Овој Самит се случува во нова консталација на односите, поради фактот што ние ги почнавме преговорите. Ќе има четири земји од регионот што преговараат со ЕУ во однос на кандидатскиот статус. Веќе полека се консолидира прашањето дека не само ЕУ, туку и земјите од Западен Балкан немаат алтернатива во однос на тој процес, рече меѓу другото Османи.
Тој потсети дека во 2003 година се одржал ваков Самит во Солун, кога ЕУ се зазема за членство на Западен Балкан во регионот, по што има пауза и 15 години нема Самит ЕУ – Западен Балкан, по што се случува во Софија во 2018 година, потоа во Загреб во 2020 година и се враќа ЕУ – Западен Балкан во регионот, овој пат во Тирана.
Прашан за ветото за официјална Софија од Холандија за шенген зоната, Османи одговори дека ова е порака и до нашите граѓани, како што рече, дека не постои конспирација кон Република Северна Македонија од ЕУ.
Прашањето на консензус во донесувањето на одлуките овозможуваат на секоја држава да има свој став, да ја задржиме комуникацијата со сите земји членки, да имаме добар однос, тоа и го правиме. Успеавме да ја надминеме оваа блокада и следните предизвици со кои ќе се соочиме, изјави шефот на дипломатијата Османи.