Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и шефот на здружената команда на американските воени сили, генералот Марк Мајли одржаа прес конференција по состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина денеска во седиштето на НАТО.
На прес конференцијата денеска попладне, првиот човек на американската одбрана, Остин, рече дека очекува Украина да спроведе офанзива на пролет.
„Очекуваме да ги видиме како спроведуваат офанзива некаде на пролет и поради тоа, сите ние, партнерите во Контакт групата за одбрана на Украина, работевме напорно за да се осигуриме дека тие имаат доволно огнена моќ“, изјави Остин во преполната прес сала во седиштето на НАТО.
Остин се осврна и на можноста Русија да започне масовен воздушен напад на Украина.
„Во однос на тоа дали Русија се подготвува за масовен воздушен напад, ние во моментов не го гледаме тоа. Знаеме дека Русија има значителен број на авиони и уште многу капацитети. Затоа, нагласивме дека треба да направиме сѐ што можеме за Украина да добие колку што е можно повеќе воздушна одбранбена способност“, изјави Остин.
Русија „изгуби стратешки, оперативно и тактички“, изјави генерал Марк Мајли на заедничката прес конференција со американскиот секретар за одбрана.
„Путин мислеше дека може брзо да ја победи Украина, да ја скрши НАТО алијансата и да дејствува неказнето. Тој згреши. Украина останува слободна, тие остануваат независни. НАТО и оваа коалиција никогаш не биле посилни, а Русија сега е глобален одметник. Светот е инспириран од украинската храброст и издржливост. Накратко, Русија загуби. Тие загубија стратешки, оперативно и тактички, и плаќаат огромна цена на бојното поле“, рече највисокиот генерал во американската армија.
Генерал Мајли додаде дека, додека Путин „не стави крај на војната што ја почна по свој избор“, меѓународната заедница „ќе продолжи да ја поддржува Украина со опрема и капацитети што ѝ се потребни за да се одбрани“, без оглед на тоа колку ќе трае тоа.
Остин и генерал Марк Мајли се во Брисел на деветтиот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, која се фокусира на обезбедување поддршка на Украина во нејзината војна против Русија. Остин учествува и на состанокот со министрите за одбрана на НАТО.
Од Брисел: Џ. Дерала