ВЕСТ НА ДЕНОТ
Во Фокусот на ЦИВИЛ: Етничката омраза од собраниската говорница
ЦИВИЛ денеска одржа панел на тема „Етничката омраза од собраниската говорница“, односно улогата на политичарите и нивното спознавање на мултикултурализмот, институционалната застапеност, (не)дискриминацијата на општествено и институционално ниво. Учесници на панелот беа пратениците Зекир Рамчиловиќ, Љатифе Шиковска и Мартин Костовски.
„Јас не сакам да бидам запомнет како пратеник што во делот на толку многу битно историско прашање имав средба со еден, како да го кажам, пратеник од опозицијата којшто на крајно невротичен начин сакаше и бараше инцидент цело време.“, изјави меѓу другото пратеникот Мартин Костовски.
„Ние пратениците сме тие што треба да имаме релаксирани односи во поглед на етничката, верската или некоја друга припадност, а не да се поведуваме по граѓаните, кои можеби дел се изманипулирани, некои можеби таква им е мислата“, изјави Зеќир Рамчиловиќ.
Несоодветно е да се навредуваме и тоа да оди во бескрај… Понекогаш опозицијата не бира средства да говори и тоа што треба и тоа што не треба“, вели меѓу другото пратеничката Љатифе Шиковска.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Секој ден окупаторите даваат нови причини за признавање на Русија како терористичка држава. Тие синоќа извршија ракетен напад врз село во областа Одеса – 7 поморски ракети „Калибр“ против обично село. Ова не се евтини или едноставни проектили – Русија беше многу горда на нив. И што погодиле? Обична селска нива и неработна фарма, селски куќи, помошни згради, лицеј, културен центар. Нема воена смисла. Само терор, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање.“
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИСТРАГА Министерот за здравство Беким Сали на прес-конференција информира дека моментно е во тек состанок на стручен тим од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) со претставници од клиничката болница „Жан Митрев“ за да се утврди дали испитувањата врз пациентите кои се лекувале таму се вршени согласно важечките прописи.
ИНВЕСТИЦИИ Со нова инвестиција од 200 милиони евра стануваме крстосница на Балканот, ја поврзуваме земјата со регионалните и европските железнички коридори, изјави денеска премиерот Ковачевски на настан по повод потпишување на договори за изградба на железничката пруга за прва и втора фаза на Коридор 8 и реконструкција на железничката пруга на Коридор 10.
УВИД Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп изврши увид на лице место на локацијата каде во текот на ноќта беше опожарен автомобил во сопственост на пратеник во Собранието.
Како што информираат од Јавното обвинителство, по наредба на јавниот обвинител биле подигнати траги од лице место, кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот.
МАТИЧНО Штрајкот на вработените во Управата за водење матични книги (УВМК) останува во мирување, информираат од Министерството за правда.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Утрото на 20 јули 2022 година, руските трупи отворија оган врз округот Салтивски во Харкив. Загинаа тројца цивили, меѓу кои и едно 13-годишно дете, а еден е повреден, изјави началникот на регионалната воена управа на Харков, Олех Синиехубов на Телеграм, јавува дописникот на Укринформ.
Русија се подготвува да анектира украинска територија и има намера да назначи нелегитимни и функционери што ѝ се блиски во подрачјата под своја контрола, соопшти Белата куќа.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Жртвата не смее да биде среќна. А, „жртвата“ е Северна Македонија, и тоа е наративот, последните месеци, чија кулминација доаѓа со разрешницата. Па, зависно од исходот на разрешницата, или „жртвата“ ќе се избори храбро против “вековната неправда” или доколку не се избори, тогаш тоа ќе биде „трагедија“, како продолжеток на добро разработениот мит: „не по цена на идентитетот“. И бидејќи „идентитетот“ не победи, „жртвата“ не смее да биде среќна.“, пишува Никица Корубин во колумната „Кога успехот не смее да биде успех“.
Д.Т.