ВЕСТ НА ДЕНОТ
Судот во Стразбур ја отфрли аболицијата на Иванов
Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски во неговата влада Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УЈП Сашо Мијалков и други тогашни државни функционери. ЕСЧП одлучуваше по жалбата поднесена од осумина граѓани на Република Северна Македонија од 2020 година.
Владата на Република Северна Македонија ја поздравува денешната одлука на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) која е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Нападите на веб-страниците на институциите се дел од хибридната војна, исто како што се и лажните дојави за бомби во училиштата, трговските центри и институциите. Тие многукратно се зголемија после руската агресија на Украина… Тоа сугерира дека хибридните напади ќе бидат и многу пожестоки, а ако се согледа колкава разорна моќ имаат, може да бидат многу поопасни од конвенционалните. Овие напади се реалност не само што се случува кај нас, туку и пошироко. Истрагите кои се однесуваат на заканите за поставени експлозивни направи и оние кои се од ИП адреси за кои може да се докаже, веќе се изведени пред лицето на правдата. Очекуваме дека ќе ги обезбедиме сите докази за уште пет до шест случаи“, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Американскиот магазин Тајм објави насловна страна со фотографија од училишен подрум во селото Јахидне во регионот Чернихив, каде што руската војска затвори 368 локални жители во март 2022 година, а 10 од нив починаа потоа. Соодветната насловна страница Тајм ја објави на Твитер.
*
Европската комисија предложи дополнителни забрани за извоз во вредност од повеќе од 11 милијарди евра за да се лиши руската економија од критична технологија и индустриски стоки, изјавија претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, објавено на веб-страницата на Европската комисија
*
„Неколкунеделните неуспешни руски напади врз украинското упориште Вуледар ги обновија сомнежите за способност на руското раководство да ги оствари зацртаните планови и (не)успешноста на воената тактика на Кремљ да одржува големи копнени напади. Размерите на загубите на Москва во офанзивата на истокот на Украина дури сега почнуваат да доаѓаат во фокусот“, пишува Драган Мишев во „Фијаско на рускиот напад врз Вуледар: Само морони напаѓаат директно“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
РЕКОНСТРУКЦИЈА Во Собранието веќе четврти ден се расправа за разрешување на тројцата министри од Алтернатива. Со реконструкцијата на Владата, во владината коалиција влегува партијата Алијанса за Албанците.
ЕКОНОМИЈА Се очекува во најкус период Законот за данок на солидарност да се најде пред пратениците на пленарна седница, откако власта го поднесе во Собранието по скратена постапка. За да биде усвоен, најпрвин треба да го помине филтерот во Комисијата за финансирање и буџет, но дел од членовите побараа текстот да се најде на поширока јавна расправа.
РОК Организациите регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат имињата и дејноста, се бришат од Регистарот, соопшти денеска Централен регистар.
ДОНАЦИИ Во Тетово хуманитарен кошаркарски натпревар, средствата од продадените билети ќе се донираат за Туркије и Сирија
РЕГИОН Силен земјотрес со интензитет од 5,3 степени по Рихтеровата скала во 10:47 минути го погоди островот Крк, каде бил и епицентарот, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.
ЗЕМЈОТРЕС „Металика“ донира 250.000 долари за Туркије и Сирија
СЛОБОДНА ЗОНА
„Средства за капитални инвестиции треба да се бараат во внатрешните преструктуирања и намалување на корупцијата и сивата економија, зошто задолжувањето ќе биде сѐ поскапо и сѐ понедостапно. Намалувањето на државниот апарат е задача со чие решавање доцниме веќе деценија. Намалувањето на беспотребните административци ќе ослободи буџетски средства кои можат да се употребат во зголемување на нејзината ефикасност, а со тоа и подобрување на атмосферата за водење бизнис и пристојно функционирање на системот“, пишува Војо Маневски во колумната „Усогласување“.
„Се чини дека лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски сепак беше во право кога тврдеше дека се врши притисок врз одредени пратеници во Собранието. Само што притисокот не бил од страна на владејачкиот мнозинство, туку токму од неговата, веќе шеста години опозициска партија. Како прилог кон ова тврдење е неодамнешното напуштање на владејачката партија од големиот вљубеник во владини коалици, од било која страна и дадоаѓаат. Како Павле Трајанов, токму сега, кога се создава новото владино мнозинство, реши да го послуша вечниот опозиционер и да прејде на темната, пардон, губитничката страна во креирањето на евро-иднината на земјата?“, пишува Драган Мишев во „Со што ВМРО – ДПМНЕ го притисна Павле Трајанов да се откаже од власта?“
Б. Јордановска