Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум.
За отфрлање на иницијативата гласаа седум уставни судии, а за иницијативата беа двајца, Елена Гошева и Јосиф Јосифовски.
Одлуката за распишување на референдум е донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година.
Подносители на иницијативите беа политичката партија „Левица“ и Светскиот македонски конгрес.
Според подносителите, одлуката за референдумот не била во согласност со Уставот на РМ, Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија.
Тие од Уставниот суд бараа целосно да се поништи одлуката за референдум, а доколку одлуката се донесе, резултатите од референдумот да се поништат.
Според поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, иницијативата за оспорување на одлуката за распишување на референдум е обид за уривање на државата.
„Рушењето на тој референдум би значело рушење на тие темели и на опстанокот на државата“, истакна Ивановски.
А. П.