Првото издание од серијата панел дискусии со заеднички наслов „Зад димната завеса“ ќе се одржи утре, четврток, 14 април, со почеток во 13 часот. На панел дискусијата ќе учествува дел од тимот на ЦИВИЛ кој спроведува мониторинг и анализи на дезинформациите и пропагандата во нашата земја, во контекст на војната во Украина, како и други критични теми за земјата.
Панел дискусијата е дел од проектот „Зад димната завеса“ со кој ЦИВИЛ спроведува медиумска и граѓанска акција против дезинформациите и пропагандата. Проектот се фокусира на странската, антизападна пропаганда преку мониторинг, анализи и обелоденување на дезинформациите и пропагандата за критични теми, како што е агресијата врз Украина, евроатлантските интеграции и други процеси од круцијално значење за нашата земја.
Критичните процеси за земјата се мета на долготрајна пропаганда од истите, меѓусебно поврзани центри. Тие имаат една заедничка цел – поткопување на владеењето на правото, демократијата, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Затоа, ЦИВИЛ ќе преземе серија сеопфатни активности да се спротивстави на тие тенденции.
Дискусијата ќе се емитува во живо, на онлајн каналите на ЦИВИЛ, Фејсбук и Јутуб.
Дисклејмер: Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите / авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Следете го ЦИВИЛ
Фејсбук | Твитер | Инстаграм