ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ ја продолжува серијата настани Зад димната завеса: „Со референдумот, или на него“. Учесници на панелот беа Благојче Атанасовски, политиколог и Зоран Димитровски од Демократски сојуз. Настанот го модерираше Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
Генералниот секретар на Демократски сојуз (ДС), Зоран Димитровски, вели дека референдумот е највисокото демократско изразување на граѓаните и како таков треба да се негува како институција. Но, суштинскиот проблем со референдумите во Македонија е излезноста. Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ однапред знеше дека референдумот нема да им биде успешен.
„Тие тоа го знаат. Го прават затоа што им треба една „политичка вежба“ на своето гласачко тело, да видат колку гласачи можат да придобијат и да видат колку граѓани можат да „закачат“ кои во изминатиот период беа изреволтирани од она што се случуваше со францускиот предлог“, додава Димитровски.
Според политикологот и аналитичар, Благојче Атанасовски, зад т.н францускиот предлог, односно како што вели европски предлог, застана високата американската и европска дипломатија.
Имено, се поставува прашањето – доколку тој референдум се случи, што понатаму. Јас сметам дека тој референдум доколку се случи ќе биде апсолутно неуспешен“, истакна Атанасовски.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„За Договорот со Бугарија ниту може, ниту смее да има референдум. Тој е еден од столбовите на евроатлантска Република Северна Македонија, заедно со Преспанскиот и Охридскиот договор, а еднонационални референдуми за стратешки прашања на државата се опасен преседан и тие не смеат да се случат“, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот редовен брифинг со новинарите.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОСТАВКИ Директорите на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, на ЈСП Турс, Филип Василевски и на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници Лајка – Скопје, Воислав Димитровски, денеска поднесоа оставки од функциите, поради, како што велат, немањето координација со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
ИНТЕГРАЦИИ Успешно е завршен првиот скрининг состанок, објави Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ на Фејсбук.
ПРАВДА Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески изјави дека за дисциплинската постапка за шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГК) Вилма Русоска треба да се обезбедат определени докази и за нив да се изјаснат обвинителите опфатени со постапката.
ТОРТУРА Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ) при ССМ обвинува дека се врши притисок и тортура врз вработените во „Водовод и канализација“ од страна на новоназначениот в.д. директор.
ПРИЈАВА Покрај најавата за референдум од Левица до Јавното обвинителство поднесоа кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери, за, како што наведуваат, спречување гласање на граѓаните на референдум.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Украинските власти пронајдоа масовна гробница со 440 тела во североисточниот град Изиум, која беше повторно заземена од руските сили пред неколку дена, соопштија властите, вклучително и некои луѓе убиени од гранатирање и воздушни напади.
*
Одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија, во која членуваат 35 земји на ОН, усвои резолуција со која бара Русија да ја прекине окупацијата на нуклеарната централа Запорожје во Украина, објави Ројтерс.
*
Во текот на изминатиот ден, пет цивили загинаа, а шест беа повредени во руското гранатирање на регионот Доњецк, изјави шефот на регионалната воена управа на Доњецк, Павло Кириленко на Фејсбук, јавува дописникот на Укринформ.
*
Оваа недела, уште еден главен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин почина оваа недела, овој пат од наводен „мозочен удар“ додека бил на службено патување во селото Рошчино во далечниот источен регион на Русија, објави Вашингтон индипендет.
ИНТЕРВЈУ
Величковски: Местото на македонските граѓани е под евроатлантското сонце
Во еден од своите ретки јавни настапи, ексклузивно за Цивил Медиа говори Ивон Величковски, лидерот на Движењето за нова република. Поранешниот прв човек на Либералната партија ги коментира актуелните настани и процеси, антиевропските протести, иницијативата за референдум против Договорот за добрососедство со Бугарија, руското влијание, олигархиите и потребата од редефинирање на системот…
СЛОБОДНА ЗОНА
„Конфликтот меѓу Данела и градскиот совет доминиран од вмровците, предводени од цел еден екс-министер за финансии на Груевски и универзитетски професор, скарани околу вртоглави милионски суми (во евра), на површина ја изнесе сета нечистотија на политиките во изминатите десет месеци. „Неутралците“ што ја донесоа „независната“ Данела на власт се обидуваат од ова да изградат нов наратив што ќе им ја смири совеста. Пошироката публика се забавува со коментари на комичните нишкања со главата од говорницата (нешто помеѓу танц на кобрата и преглумувањето во индиските сапуници). За тоа време, десетици милиони евра остануваат „стопени“ некаде меѓу злоупотребите, неспособноста и криминалот.
Но да ја тргнеме на страна политичката бурлеска. Ни сеирот не е целосно наивен, туку се наѕира политичко калкулантство (крајно погрешно) – кој со кого и како ќе оди во можни прегрупирања, што ќе произлезат од внатрепартискиот конфликт во вмро на линија Данела – Мицко (1:0). Уште поважно за граѓанките и граѓаните на Скопје (и пошироко) е: Што после сето ова соголување на скопската циркуска арена? Ќе чекаме „бандите на Њујорк“ самите да се испотепаат меѓу себе?“, пишува Џабир Дерала во колумната „Скопје меѓу танцот на кобрата и боливудските сапуници“.
„И не ни требаат анализи или примери за последиците од лошата страна на нашиот менталитет, тие слики си ги имаме пред нас, само е потребно да ги отвориме очите. Сакаме ли нашата држава што ја пееме и плачеме во зависност од расположението а да ни изгледа како запустените дедови огништа? Мојот оптимизам за светлото на крајот на тунелот го гледам во нужноста што ни се наметнува, а тоа е дека дојде времето за оние што знаат и умеат тоа да го покажат. Сметам дека скринингот како мал почеток на тој процес е сигнал за доаѓањето на тоа време“, пишува Војо Маневски во колумната „Скенирање“.
Д. Муратов