Македонија има обврска до крајот на 2022 година да обезбеди правна процедура во која ќе има правно признавање на родот, вели Кочо Андоновски, од ЛГБТИ Центарот за поддршка, објави Гласот на Америка на македонски јазик.
Право за слободен избор на родот во матичните книги за трансродовите лица, беше едно од барањата што беа упатени од Парадата на гордоста што денеска по третпат се одржа во Скопје. Годинашниот собир се одржа под мотото „Излези за љубов, достоинство, еднаквост, правда“, а учествуваа неколку илјади припадници на ЛГБТИ заедницата и бројни нивни поддржувачи.
„Тука сме за сите наши блиски и далечни, за сите наши познати и непознати, коишто биле избркани од дома зашто се геј, коишто биле избркани од работа зашто се ‘транс’, и коишто физички и психички се малтретирани, зашто не влегуваат во тесните рамки на она што некој го нарекува нормално“, рече Ева Цветковска од Универзитетското студентско собрание.
Како главно барање, покрај потребата за еднаквост во општеството, беше истакната и потреба за овозможување слободно правно запишување на родот.
„Тоа што за нас во моментов е најжешко прашање е правното признавање на родот, зашто имаме и пресуда во Судот за човекови права во Стразбур. Македонија има обврска до крајот на 2022 година да обезбеди правна процедура во која ќе има правно признавање на родот. Обезбедувањето на правата на една група луѓе, не значи одземање на прават на другите“, рече Кочо Андоновски, од ЛГБТИ Центарот за поддршка.
Поддршка на парадата и годинава дадоа претставници од Владата, меѓу кои и министерката за труд и социјала, Јованка Тренчевска и вицепремиерот Бојан Маричиќ, како и пратенички од актуелниот собраниски состав.