Претседателот на косовскиот Парламент и лидер на Демократската партија, Кадри Весели, денеска свика состанок на лидери на парламентарните партии, на разговори во врска со последната фаза од дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
Во поканата што Весели ја упати до лидерите, се истакнува дека целта на состанокот е да се постигне консензус за дијалогот и неговата крајна цел.
„Дијалогот меѓу Косово и Србија, што се води со посредство на Европската унија и американска поддршка, има за цел нормализирање на односите меѓу двете земји и меѓусебно признавање, како и обезбедување членство на Косово во ОН”, се вели во поканата.
Во пораката се нагласува дека косовскиот Парламент ќе има главен збор во тој дијалог и во одлуките. Заедно со поканата Весели им испратил на лидерите и рамков документ за дијалог како основа за дискусии и дополнување со нови предлози.
Средбата ќе се одржи зад затворени врати. (МИА)