ДРАГАН МИШЕВ
Градоначалничката на Скопје изгледа како да не е од тука. Освен што се прогласува за ненадлежна, за проблемите на Скопје и скопјани се однесува како „француска собарица“, што би рекол другарот Наум, и постојано се жали и бара проблемите да ѝ ги решава Владата.
Ја откажа новогодишната забава за најмладите скопјани на плоштад, но затоа потроши 10 000 евра за пакетчиња од градската каса, нема пари за гориво за ЈСП, а вработува стотина партиски војници што ќе го чини градот 670 000 евра годишно, за три пати ги намали средствата за животна средина, а го субвенционира Градски паркинг со 80.000 евра.
Донаторите на бесплатно украсување и на „Комитската вечер“ на дочекот на Новата година на градскиот плоштад ги крие како змија нозете, а за најавите за бесплатен превоз и 300 еколошки (прво беа најавени електрични, ама „не е знајала“ дека се прескапи) автобуси, „ево сад че, само што није“.
И, ги остави скопјани да се смрзнуваат. И ако градоначалничката и градските власти се прогласија за ненадлежни и без ингеренции за решавање на проблемите со парното греење во Скопје, сепак, ако ги прочитаат надлежностите на град Скопје, во член 10 стои дека во надлежностите на градот спаѓа снабдувањето со природен гас и топлинска енергија. И овој проблем, градоначалничката ноншалантно си го изигнорира, и остави затоплувањето на граѓаните да го решава Владата.
Навистина, освен што се занимава со именување на партиски членови во управни одбори, вработување на партиски војници, игнорирање и опструкција на започнатите проекти од минатото градско раководство од круцијално значење за подобрување на квалитетот на животот на Скопјани, што всушност работи градоначалничката? Ах, да, ги заборавив двата капитални проекти, нивелирањето на неколку шахти по скопските улици и поставување на мобилни тоалети на Кеј.
А само пред неколку месеци, во предизборието, какви само ветувања и розова иднина за градот нудеше тогашната „независна“ кандидатка. Епа, гласавте, сега гледајте (плачењето е гратис).