коментира: Дехран Муратов
На овие избори во речиси сите пропагандни видео спотови ВМРО-ДПМНЕ на преден план ги ставa младите, и што не е лоша идеја за политичка кампања, оти нели светот останува на младите, но гледајќи ги како се бламираат и виткаат кичми, а се исправуваат дури откако ќе добијат амин од лидерот, односно откако ќе ги допре како некој исцелител, ми паѓа жал дури и да се шегувам на сметка на тие млади од мојата генерација.
Денешниот видео спот што го објави ВМРО-ДПМНЕ е од аеродром каде што млада девојка сака да извади карта во еден правец, бидејќи сака да замине некаде во странство каде што ќе има иднина и можност за работа и каде што владее правото и правдата. Во спотот се појавува „премиерот“ со полна ташна пари, алудирајќи на случајот „Рекет“, при што девојката вели: „Гледате? Оваа е иднината на мојата генерација, сакаат да нè напикаат во ташна“. Пред очајната девојка се појавува спасителот Христијан Мицкоски како Супермен и ја убедува да остане да ја гради иднината во оваа држава пришто ѝ вели – Сакаш иднина? Остани овде и бори се со мене за Македонија. Ова не ти треба повеќе (мисли на картата за странство), туку ти треба ова (покажува карта од ВМРО-ДПМНЕ)…
Ќе му каже ли некој на Мицкоски дека помина времето кога младите виткаа кичми и беа безгласни, а шансата за подобра иднина и кариерата ја гледаа(т) во партиската книшка. Помина времето кога кариера се градеше со поседување на партиската книшка која имаше поголема важност и тежина од факултетска диплома. Денеска младите слободно можат да бидат и членови, и симпатизери на одредена политичка партија, но истовремено да бидат гласни и критични кон неправдите. Партиската припадност повеќе не е предуслов за градење на карира и иднина.