Во вчерашното соопштение СДСМ го оцрни Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за креирање штетни политики кои доведоа до економски крах, сиромашни граѓани и заробена држава. Односно, обвинението е дека она што Мицкоски го наследил од Никола Груевски, продолжил да го менаџира со истиот криминално и расипничко владеење.
СДСМ потсетија дека на демократски начин граѓаните ги поразија политиките на ВМРО-ДПМНЕ и се насочија кон заедништво и напредок.
Како одговор на овие обвинувања на партијата на власт и политиките кои таа ги води, ВМРО-ДПМНЕ одговори со соопштение во истиот манир и јазик.
И додека СДСМ со сигурност тврди дека Македонија денес оди напред и се гради како модерна, слободна и демократска држава, ВМРО-ДПМНЕ одговара, со истата сигурност дека Македонија е пред економски колапс, со деградирана правда и злоупотреба на институциите.
Со осврт на економската слика на државата ВМРО-ДПМНЕ обвинува за економски геноцид од Заев, Тевдовски и Анѓушев.
„Македонскиот граѓанин како и целата економија се во постојан грч и неизвесност… Единствена цел на картелот предводен од СДСМ е да ја одржи ситуацијата на заробена и неперспективна држава со нефункционални институции“, се вели во соопштението.
Всушност со цел да се разниша горенаведената сигурност на Владата предводена од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ повикува на антивладин собир на 02 јуни во 20 часот пред зградата на Владата на Република Македонија.
Да не останат должи СДСМ денеска вратија со одговор на овој повик и во нивното соопштение велат дека ВМРО-ДПМНЕ нема минимум кредибилитет да зборува за економија, а граѓаните всушност ги чувствуваат придобивките од економски политики на Владата предводена од СДСМ.
Исто така, СДСМ одговара дека обидот за манипулација на ВМРО-ДПМНЕ не може да ги оспори реалните резултати на Владата и економскиот пораст и подобрениот животен стандард на граѓаните.
Како и секогаш, на граѓаните им останува на кого ќе веруваат или ќе бараат трета страна на приказната –демократска и економски стабилна Македонија.
Б.Ј.