Претседателот Пендаровски во видео изјава за панелот на ЦИВИЛ „Едно општество за сите, сегашност и перспективи“.
„Почитувани пријатели, создавањето на демократско, отворено и правично општество, во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреден, никогаш не било лесна задача. Од самите почетоци, знаевме дека за независна и демократска држава, ќе бидат потребни многу напори. Во изминатите триесет години поминавме неколку премрежија. Но, вербата во која можеме да создадеме општество во која разликите ќе се почитуваат, не ја губевме и во најтешките времиња. Македонското општество е заеднички дом на различни заедници, а нивните верски, јазични и културни специфики создаваат мозаик, во кој сите делови се еднакво важни за убавината на целината.
Идентитетските разлики, треба не само да се почитуваат, туку и да се пренесуваат на помладите генерации кои допрва учат за фундаментите на политичка заедница. Почитувањето на разликите ја враќа вербата едни во други, а владеењето на правото, ја враќа вербата во институциите. Како држава која сака да биде европска демократија, како потписници на сите релевантни меѓународни документи за почитување на човековите права, имаме и правна, но и морална обврска да го почитуваме вроденото достоинство и еднаквост на секој човек. Од тоа достоинство, произлегуваат- правото на живот, слобода, лична безбедност, еднаквост пред законите.
Социјалните, економските и културните права, се дел од неотуѓивите човекови праваи слободи, кои се во основата на зрелите демократии. Државата има обврска да се грижи за унапредување на правата на сите нејзини граѓани, а посебна обврска има да ги заштити најранливите категории. Не смееме да дозволиме структурна дискриминација и нееднаквост, бидејќи тоа ќе ги поништи напорите на сите поединци со добра волја, а таквите се големо мнозинство.“
Обработка на текст: Д. Тахири
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Горан Наумовски