Во вчерашното гостување на 1ТВ, кандидатот за претседател Стево Пендаровски, ги демантираше СДСМ и ДУИ велеќи дека тој не е консензуален кандидат за претседател иако така го најавуваат партиите.
„Мислам дека консензуален не е вистинскиот израз. Бидејќи консензуз е комплетно, што значи дека некој треба да ги добие сите милион гласови и ништо да не оди кон другите. Мислам дека е тоа несреќен избран термин. Мислам дека најдобро е да се каже сум заеднички кандидат на две, три, десет, петнаесет партии, невладини организации итн. Тоа е најпрецизниот термин што значи консензуален“, изјави Пендаровски.
За последните снимки што се вртат од него по социјалните мрежи, вели дека откако било објавено дека е претседателски кандидат, го следи тајна разузнавачка служба за која се сомнева дека е блиска со една партија.
„Тоа се структури врзани со една голема опозициска партија, за која имаше во јавноста извештаи дека на дневна основа прави евиденција каде одите вие, јас… Ова денеска е трета или четврта фотографија во низа во последните 10 дена. Тврдам дека станува збор за 24-часовно физично следење на мене, веројатно и на членовите на моето семејство. Дел работат во институциите, дел ги знам по име и по лик, за жал, тоа го прават подолго време кон своите политички опоненти“, рече Пендаровски и додаде дека со тоа треба да се справат институциите, затоа што по сите индикатори, станува збор за структура која работи на таа тема.
Тој вели дека ова застрашувачко искуство го немал во кампањата пред пет години, односно не бил следен физички, иако имало сознанија за прислушкување на телефоните. Според него, во претходната кампања не била направена грешка, па и содржината на оваа кампања ќе биде иста, образложување на приоритетите преку средби со народот, без митинзи и обраќање од висока бина. За предизвиците, изјави дека тоа ќе биде тој што ќе трае најдолго – владеењето на правото.
Со оглед на ингеренциите што би ги добил како претседател, вели дека не би се ограничил на безбедноста или надворешните работи, туку би можел да го поттикне процесот преку морален авторитет и промовирањето на економијата на земјава на средбите со меѓународниот фактор.
М. И.