„Малкумина од нас се подготвени да прифатат дека нашата различност е нашата најголема предност. Дека колку сме поразлични, толку побогата е нашата култура и толку поширок е хоризонтот на можностите за напредување. Само од нас зависи дали и колку сме подготвени да ги прифатиме различните од нас, да ги почитуваме и да ја искористиме нивната креативност за општо добро“, вели претседателот Стево Пендаровски за ЦИВИЛ во рамки на Иницијативата „Чекор напред кон мултикултурно општество“.
„Многу често, за жал, оваа наша предност знаеме да ја претвориме во наша најголема слабост. Од независноста до денес, сведочиме на постојани обиди за манипулација на граѓаните и јавноста од различни страни, со цел, поларизација на општеството врз етничка, верска и јазична основа. Тоа ја нарушува меѓусебната довербата, ги зголемува предрасудите и ги влошува меѓуетничките односи во општеството кои се инаку, клучот на нашата внатрешна стабилност.
Длабоко сум убеден дека излезот од овие состојби е во градењето на општество со еднакви можности за сите, независно од етничката, јазичната, религиската, социјалната или која било друга припадност. Тоа практично значи – еднакви можности за образование, пристап до основната инфраструктура, до социјалните и здравствените услуги, пристап на пазарот на трудот под еднакви услови, работа и кариерен развој врз основа на способностите.
Само со ваков холистички пристап, стратегијата „Едно општество за сите“ ќе придонесе за прогрес на Република Северна Македонија и нејзина трансформација во современа европска држава чиј што единствен резон за постоење ќе биде да овозможи подобар и посреќен живот за секој нејзин граѓанин“, истакна Пендаровски.