„Отворен Балкан“ – резултат на добра соработка меѓу политичарите кои го послушаа гласот на бизнис заедницата. Отворените граници од први јануари 2023 година ќе ја зајакнат економската соработка и ќе придонесат раст на заедничката економија за 2,5 отсто. Лидерите на трите земји кои се обврзаа дека иницијативата „Отворен Балкан“ ќе стане реалност велат и дека бенефит подеднакво ќе имаат сите граѓани. Претставниците на стопанските комори сложни – идејата за отворени граници претставува нова ера на соработка меѓу политиката и бизнисот.
Претседателката на албанската стопанска комора Инес Мучостепа порача дека будно ќе ги следат чекорите кои се преземаат за да може потпишаниот договор целосно да се реализира.
„Ние веруваме дека ова претставува нова ера меѓу политиката и бизнисот. Многу е важно да бидеме одлучни и со целосна верба кон исполнување на овие цели. Западен Балкан е регион на договори, можности, регион на способни луѓе, бизнис заедницата се наоѓа пред важен момент со кој ќе се поттикне економскиот развој“ – рече Мучостепа.
Што предвидува „Отворен Балкан“ и кои би биле придобивките за економијата во трите држави?
– Нула минути чекање на границите за транспортерите на стоки и услуги, без царини и намалени административни трошоци;
– Слободно движење на граѓаните меѓу трите земји;
– Унифицирани регистри за пазарот на трудот како можност за размена на работна сила помеѓу земјите;
– Дозвола на граѓаните да работат трите земји;
– Организација на регионални саеми за промоција на производите и туризмот;
– Заедничка реакција на природни и други катастрофи.
Придобивките од „Отворен Балкан“ ќе бидат раст и развој на економиите, привлекување на 80 проценти од странските инвеститори предвидени за Западен Балкан и поголема деловна соработка на бизнис заедницата.
Во наредниот период, државите ќе треба да сменат закони со кои би се олесниле дозволите за престој. Понатаму, законските решенија предвидуваат и споделување информации во врска со данокот на додадена вредност, со цел товарните возила да не се сопираат на границите. Се планира и креирање регистри за тоа што се бара на пазарот на труд во земјите.
Очекувањата се дека за година и пол трите земји ќе успеат да се усогласат за да може иницијативата „Отворен Балкан“ да стапи во сила од 1 јануари 2023 година.
ЦИВИЛ деск