Кремљ денеска објави дека чекорот на Финска кон членство во НАТО е „дефинитивно закана за Русија“ и дека проширувањето на северноатлантскиот воен блок нема да го направи светот постабилен, пренесува МИА.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес конференција кажа дека чекорите што ги презема Финска кон НАТО се за жалење и причина за адекватен одговор, пренесуваат британските медиуми.
Финскиот претседател и премиер претходно денеска заедно изјавија дека земјата мора „без одлагање“ да бара членство во НАТО.
Снабдувањето на Украина со оружје ја зголемува веројатноста за конфликт меѓу Русија и НАТО, кој може да прерасне во нуклеарна војна, предупреди денеска рускиот заменик-претседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев.
„Обидите на НАТО земјите да ја преплават Украина со оружје, да ја обучат украинската армија со западна опрема, да испратат платеници и да одржуваат вежби во близина на нашите граници, само ги зголемуваат шансите за директен и отворен конфликт меѓу Русија и НАТО, наместо постојната посредничка војна“, напиша Медведев на Телеграм.
Тој смета дека „секогаш постои ризик таквиот конфликт да се претвори во целосна нуклеарна војна“.