ВЕСТ НА ДЕНОТ
По средбата на премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, на денешната заедничка прес-конференција во Владата соопштија дека Бугарија прифатила да го користи скратеното име Северна Македонија, подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија и нема да ја кочи употребата на тоа име во меѓународни процеси, за што ги известила и Обединетите нации. Северна Македонија пак со вербална нота до ОН потврди дека користењето на краткото име нема никаква импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Многу сум среќен што можам да кажам дека оттука натаму добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати. Јас многу се радувам за напредокот што беше постигнат денеска и што можам мирно да кажам Северна Македонија“, рече бугарскиот премиер Кирил Петков, по средбата со Ковачевски.
Тој најави дека за два месеци реалност ќе биде и авиолинијата Скопје-Софија, како уште еден чекор напред во унапредување на соработката.
„Во договорот за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот и во тој правец апсолутно го поддржуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија како и употребата на сите јазици како што се опишани во Уставот. Имаме полно разбирање за тоа и ќе продолжиме да ги третираме сите прашања во тој конструктивен дух, рече бугарскиот премиер Петков.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОДДРШКА Поранешниот германски министер за Европа , и актуелен пратеник во германскиот Бундестаг, Михаел Рот на својот Твитер налог ја поздрави средбата на македонскиот и бугарскиот премиер во Скопје и истовремено побара признавање на македонското малцинство во Бугарија.
ИНТЕГРАЦИИ Европската интеграција на Западниот Балкан претставува национален интерес, како на земјите кандидати за членство, така и на членките на Европската Унија, се согласија на денешната средба министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата бугарска колешка Теодора Генчовска, која е дел од високата владина делегација на Република Бугарија, предводена од премиерот Кирил Петков, што денеска престојува во официјална посета на земјава.
ДЕМАНТ Владата на Република Северна Македонија најостро го демантира и го отфрла како дезинформација објавеното на повеќе медиуми и портали за наводно намерно изоставање на одредени делови односно стихови од химната на Северна Македонија за време на официјалниот пречек на претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков.
ОЈО Гаврил Бубевски е избран за нов шеф на Скопското обвинителство, одлучи денеска на Советот на јавни обвинители откако, подолго време ова место е празно, објави Телма.
ЕНЕРГИЈА АД ЕСМ од четврток 21 јануари ќе го преземе управувањето со БЕГ и Скопје Север за што претходно на седница одлука ќе донесе Владата, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
ОДЛУКА Владата на Република Северна Македонија, донесе одлука почетокот на второто полугодие на учебната година за основните и средните училишта да се одложи, односно наставата со физичко присуство да продолжи на 1 февруари, согласно заклучокот од Главниот координативен кризен ковид-19 штаб и согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата.
ТЕМА НА ЦИВИЛ
Реакции: Итно потребна е доработка на законот за прогласување на денот недела како неработен ден
Законот за прогласувањето на денот недела за неработен ден сè уште е предмет на дискусии, нејаснотии и различни толкувања. Според ЦИВИЛ, тоа е закон со кој се дава значаен придонес кон унапредување на работничките права, но потребна е доработка.
Се чини дека освен кај Синдикатите, овој закон не наиде на одобрување токму кај оние за кој е наменет, работниците, а особено кај малите сопственици вклучени во трговијата на мало со овошје и зеленчук. Овој закон отвора неколку прашања поврзани со работничките права, социјалната правда и еднаквоста, за што ЦИВИЛ веќе пишуваше и побара одговори од надлежните институции.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Иако Македонија, де факто, води една од полибералните здравствени политики во Европа во однос на вакцинацијата и генералните ковид-ограничувања, и кај нас квалификациите како „фашисти“, „диктатура“, „терористи“ и слични и понавредливи глупости се редовни епитети во фејсбук-пресметките со здравствените и медиумските професионалци“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Паранојата се лечи, побарајте стручен совет!“.
„Криминалот во Македонија нема партиска, етничка, ниту верска боја. Тој е мултикултурен, мултипартиски и мултиконфесионален. Криминалот е испреплетен меѓу оние кои се моментално на власт, тие кои биле претходно на власт и тие кои се спремаат да дојдат на власт. Тоа овозможува водење божемни процеси, кои имаат за цел само да ја дефокусираат јавноста од очигледната поврзаност на интересите и начинот на делување на навидум спротивставените групи“, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Зошто цвета државниот криминал во Северна Македонија?“.
„Иако Ковачевски пред гласањето за новата влада им се заблагодари на пратениците кои го поддржуваа во дводневната расправа, како и за искажаните критики со зборовите: „Легитимитетот на Владата е неспорен, и со зголемената поддршка на мнозинството, таа е одржлива во следните две и пол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година“ чинам дека и самиот тој по гласањето не верува во искажаното. Посебно мислам дека не е сигурен во делот на одржливоста на тенкото мнозинство. Лично сметам дека многу е тешко да се одржи мнозинство од само 1-2 пратеника плус од неопходниот минимум, а како тоа функционира, видовме во минатото“, пишува Јове Кекеновски во колумната „62 е многу помалку од 64“.
„Како тоа новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков тврди нема македонско малцинство во Бугарија? Каде отидоа овие луѓе и нивните наследници од овој краток 30 минутен документарен филм снимен пред само 30тина години“, се прашува Никола Груевски од Будимпешта.
Ха, е каде де.
Нема Македонци во Бугарија?
Е, па, нема.
И нормално ќе нема кога силна струја во неговата партија две, три децении во својата ментална матрица, на сметка на националното промакедонство, го негува и го форсира анационалното пробугарство“, пишува Зоран Иванов во БРЗА ПОШТА, „Паднале од Марс“.
Д. Муратов












