Северна Македонија дава свој несомнен придонес кон европската и регионалната безбедност, како и кон заедничката одбранбена и безбедносна политика на Унијата, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска на денешната средба со евроамбасадорот Дејвид Гир.
Таа посочи дека припадници на Армијата се дел од ЕУ – мисијата во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, како и мисијата на Унијата во Централноафриканската Република.
– Земјата е дел од Европа, ги живее европските вредности и ги почитува европските принципи и затоа потребно е да се направи следниот чекор – да ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ. Отворањето на преговорите е предизвик кој ќе има позитивен ефект за унапредување на процесите во земјата, рече министерката
Петровска потенцира дека интеграција на Северна Македонија и Западниот Балкан во ЕУ е геостратешка цел и политички, безбедносен и економски интерес и за регионот и за Унијата.
– Ја цениме вашата поддршка и подготвени сме за почеток на преговорите, истакна министерката Петровска.
Министерката за одбрана и евроамбасадорот се согласиле дека ЕУ и Северна Македонија подеднакво ја согледуваат важноста на прашањата за отпорност кон хибридните закани, критичната инфраструктура и цивилната заштита и дека ќе ја продлабочат соработката во овие области.
Евроамбасадорот Гир ги поздравил плановите на Министерството за прераснување на нашиот НАТО центар, Регионалниот центар за односи со јавноста, во Центар за односи со јавноста и справување со дезинформации, известуваат од Министерството за одбрана.