Ива Петрунова, магистер, инженер архитект, урбан социолог, доктор на општествени науки за ЦИВИЛ Медиа говори за мултикултурата од аспект на урбаното живеење.
Мултикултура значи негување на одреден сет традиции и навики, мултикултура значи различни нации, вери и однесувања и можат да се спојат во едно. Практично, на тој начин би создале општество кое би било еднакво за сите. Во контекст на градот, градот го поддржува мултикултурализмот, и тоа е суштината на градското постоење, односно живеење. Бидејќи градот претставува место каде што човекот треба да се пронајде себеси, со своите различности. Да речеме, доколку живеете во село, и ако сте поинаков од другите, на тој начин ќе бидете обележани, меѓутоа, доколку живеете во градот, треба да ја негувате таа сопствена автентичност. Во таа смисла, градот, онаков, како што би требало да биде за среќни и здрави граѓани, претпоставува прифаќање на граѓаните со сите нивни различности, вери, нации, полова различност, и во таа смисла, градот претставува место за сите, посочува Петрунова.
Сите сервиси треба да се достапни за сите, улиците и тротоарите, не пишува каде треба да поминете, туку се слободни за сите, меѓутоа, како најдемократски елемент, некои автори велат дека тоа е дрвото. Затоа што дрвото кога расте и кога пружа сенка, сенката е еднаква за сите, не ве гледа која вера сте кога ќе седнете под сенката, или дали сте момче или девојче. Затоа, природата во градовите на некој начин поттикнува демократија, и слободниот простор, доколку не е преголем и предимензиониран за да се чувствувате изгубено, исто така предизвикува демократија, и повикува на мултикултурно општество.
Д. Тахири
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.