Почина рускиот опозиционер и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, соопшти затворската служба на регионот Јамало-Ненецки, каде што Навални ослужуваше затворска казна, објави „Гардијан“.
Во поправната колонија број 3, осуденикот А. А. Навални се чувствувал лошо по прошетката и речиси веднаш ја изгубил свеста, се вели во соопштението на веб-страницата на затворот.
Се додава дека веднаш пристигнале медицинските работници на установата и дека „повикана е Итна помош“.
„Извршени се сите потребни реанимации, но не дадоа позитивни резултати. Лекарите од итната помош констатирале смрт на осуденото лице. Се утврдуваат причините за смртта”, се вели во соопштението на Федералната служба за извршување на кривични санкции, пренесува МИА.
Навални беше познат како остар критичар на Кремљ.
Врв во неговата политичка кариера дојде во 2013 година, кога тој освои 27 отсто од гласовите во изборот за градоначалник на Москва. Тој со години остана трн во окото на Кремљ.
Во 2020-та година, Навални падна во кома по сомнително труење со помош на Новичок од руската безбедносна служба ФСБ и беше евакуиран на лекување во Германија. Тој се опорави и се врати во Русија во јануари 2021 година, каде што беше уапсен под обвинение за прекршување на условниот отпуст и осуден на првата од неколкуте затворски казни кои вкупно би биле повеќе од 30 години.