Од денеска официјално започна кампањата за Локалните избори 2021. Уште во првиот ден од кампањата веќе има злоупотреба на деца во промотивните видео спотови, црна кампања, лидерите на политичките партии во преден план, чиниш се работи за парламентарни избори, а не за локални. Тоа е констатацијата на ЦИВИЛ и во првото издание на „Изборен рапорт“ што денеска се емитуваше во живо, во 11 часот.
СДСМ со караванот „Најдоброто за мојата општина“ стартува од Битола
Од СДСМ велат дека караванот „Најдоброто за мојата општина“ ги започнува своите активности во рамки на кампањата за претстојните локални избори. Денеска (27 септември), во агендата на СДСМ се наоѓаат средби со граѓанките и граѓаните во Демир Хисар и голема граѓанска трибина во Битола. За утре (28 септември) караванот на СДСМ ќе продолжи во скопските општини Чаир и Кисела Вода, по што ќе следи предизборна конвенција на кандидатот за градоначалник и листата за советници за Град Скопје. Караванот своите активности ќе ги заврши на 15 октомври, со голем граѓански настан во Куманово.
„Мојот градоначалник е од мое маало. Постојано е меѓу народот, добар со сите. Со конкретен план и решенија за проблемите. Мојот градоначалник е подготвен за сѐ. Не се случило да не помогне некому. Мојот градоначалник си го знае својот народ. И решава проблеми. Се грижи да имаме поквалитетен живот. За зелен и чист град. Градоначалникот е наш човек. Домаќин човек и вистински пријател. На крајот на денот, тој секогаш има време за семејството. Мојот градоначалник? Најдобар е“, гласи пораката од промотивното видео на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ со „Создади нова иднина” кампањата ја почнува во Охрид
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ ја започнуваат изборната кампања за претстојните локални избори од Охрид. Првиот собир што го најави партијата е во 18 часот, на отворено, кај Антички театар во Охрид, а за утре (28 септември) се најавени собири во Вевчани, Дебрца, Струга и Ресен.
Според програмата што ја објави партијата, собирот во Скопје е закажан за 10 октомври, а кампањата за првиот изборен круг ВМРО-ДПМНЕ ќе ја заврши во Штип на 15 октомври.
За претстојните локални избори, со промотивно видео се јави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Дали живеете подобро? Дали ова што се случува е нормално? Гледаме апатија и хаос. Луѓето се разочарани. Поделбите мора да запрат. Народот да се обедини. Иднината е во промените кои доаѓаат, а ќе ги донесете вие. Промени кои создаваат проекти, проекти кои создаваат победи, победи кои носат нова иднина. Подобра, посветла и посреќна. Со ваш печат! Заслужена! Имаме програма и гарантираме дека ќе ја исполниме! Поучени од грешките, со искоренети слабости, свесни за одговорноста која ја преземаме. Излези и избори се! Создади нова иднина“, гласи пораката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во промотивниот видео спот за локалните избори.
ГРАД СКОПЈЕ
Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, подржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, денеска на прес-конференција истакна дека ќе обезбеди брзи проекти и сигурни решенија за главниот град, бидејќи тоа, како што рече, знае како да го направи, има искуство, знаење и контакти. Таа нагласи дека нејзиниот план содржи 15 плус еден главен проект за Скопје да биде модерен град достоен за живот.
„За да успееме Скопје да биде модерен град мора да го менуваме. Ќе имплементираме реални проекти, ќе воведеме бесплатен јавен превоз за скопјани, Скопје ќе го направиме град на фестивали, ќе го заштитиме нашето зеленило и природа, но ќе креираме и нови паркови, рекреативни области во секоја општина, рече Арсовска.
„Покажавме храброст за големи промени, и за само четири години, започнавме проекти кои ги решаваат проблемите на скопјани за следните 50. Од најзагаден град во светот, Скопје за 4 години драстично го намали загадувањето. Анализите покажуваат дека од година во година дишеме почист воздух, но работа има уште. За кратко време ги исчистивме сите депонии во рамки на ГУП-от и ги претворивме во паркови. Преку силна финансиска поддршка за граѓаните старите печки ги заменивме со клими инвертери. За само четири години во се реновираа сите средни училишта а во секоја училница за учениците има прочистувач за воздух. Денес, Скопје секој денар го вложува во здрава иднина за нашите деца“, вели Шилегов.
ДУИ стартува од Гостивар, Ахмети со видео спот
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ја започна кампањата за локалните избори со видео спот каде што на едно дете му вели:
„Наш долг е да ви ја вратиме водата, природата, животот, воздухот, сонцето“…
ДУИ закажа изборен митинг во Гостивар за да ги претстави кандидатите за градоначалници и општински советници.
„Со кандидатот на ДУИ, Невзат Бејта, по 17 октомври ќе го започнеме заедничкото патување за чист град, безбеден за жителите и нивните деца, за модерна јавна инфраструктура, спортски, рекреативни објекти и квалитетно образование. Време е да станеме за Гостивар, да запреме хаосот, ослободување на градот од кучиња скитници, претворање на депонијата Русино во безбедна и уредна депонија и отстранување на казината од центарот на градот“, велат од ДУИ.
Алијанса за Албанците
Актуелниот градоначалник и кандидат за општина Гостивар, Арбен Таравари со видео порака се обрати до сите гостиварци, без разлика на нивната етничка или верска определба, дека официјално започнува часот на победата во Гостивар!
„Сите еднакви, сите гостиварци“, гласи пораката на Таравари, која е преведена на македонски и на турски јазик.
Шанса за Центар
„Се дуп-навте од градење“, една шанса за спречување на градежното дивеење“, гласи пораката на билбордот на советничката листа Шанса за Центар.
„Има избор. Ова да продолжи додека не загубиме сѐ, или заедно да се вложиме за подобар живот во Општина Центар. Има шанса“, велат од Шанса за Центар.
ЦРНА КАМПАЊА
Уште на самиот почеток на изборната кампања за локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври, веќе почна црната кампања во Кочани против актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ за оваа функција, Николчо Илијев.
Во текот на ноќта, во градот се расфрлени летоци со порака: „Зошто ме присиливте“, „Илјада пати кажав не за втор мандат!“. Според инфромациите на набљудувачи на Цивил од теренот, летоците биле расфрлени од активисти на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, политичките партии и кандидатите за градоначалници пред да започне изборната кампања за локалните избори потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Според тоа што се случува, очигледно, заложбите од Кодексот се само на хартија, додека на терен партиските активисти и официјалната кампања ја започнаа со црна пропаганда.
ДЕНЕСКА СТАРТУВАШЕ И ИЗБОРНИОТ РАПОРТ НА ЦИВИЛ
Во првото издание на „Изборен рапорт“, ЦИВИЛ им посака успешна и достоинствена кампања на сите кандидатки и кандидати, ги промовираше новите видео содржини и пренесе низа забелешки од независните кандидатки и кандидатки за функции во локалната власт на претстојните избори. „Изборен рапорт“ ќе се емитува во живо, в понеделник, среда и петок, со почеток во 11 часот од прес центарот на ЦИВИЛ. Прилогот го подготви и го водеше Џабир Дерала.
УШТЕ ТРИ ДЕНА ДО ИСТЕКОТ НА РОКОТ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ЗА КРАТКОРОЧНИ НАБЉУДУВАЧИ НА ЦИВИЛ
Преостануваат три дена до истекот на рокот за пријавување на краткорочни набљудувачи на ЦИВИЛ. Како и вообичаено, интересот расте во последните неколку дена пред истекот на рокот. Од организацијата порачуваат да не се чека последниот ден.
„Има добри апликации. Конкуренцијата е силна, бројот на заинтересирани го надмина бројот на оние што ќе бидат ангажирани, но секоја апликација ќе биде разгледана. Важно е да се напомене и дека овие повици се добар начин за запознавање со потенцијални соработници и во идните проекти на ЦИВИЛ“ – соопшти Координативниот тим за изборен мониторинг на ЦИВИЛ.
ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈА
ЦИВИЛ објави ОДГОВОРИ НА НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИТЕ ПРАШАЊА од заинтересираните. Важно е сите да ги прочитаат пред да аплицираат, а организацијата стои на располагање за одговор на секое ново прашање.
Д. Муратов