Откако граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ ги собра потребните потписи за распишување на референдум на локално ниво во Општина Валандово, денеска во име на сите 2.213 потпишани валандовчан(к)и, активистите поднесоа Предлог – барање до Советот на Општина Валандово за донесување Одлука со која ќе распише референдум на локално ниво, на кој граѓаните ќе се произнесат дали се „за“ или „против“ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс “Казандол”.
Согласно законските рокови и Статутот на Општината за распишување на референдумот, „Спас за Ваналдово“ бара референдумот да се оддржи на 09 јули, 2017(недела), со референдумските прашања: 1. Дали сте „за“ или „против“ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол”? 2. Дали сте „за“ или „против“ отварање на рудници и рударски комплекси за метални минерални суровини на територијата на Општина Валандово?
„Спас за Валандово“ бара Советот на Општина Валандово да донесе одлука во најбрз можен рок, но не подоцна од 12 јуни, 2017 (понеделник).
Граѓаните на Општина Валандово, „сплотени во граѓанската иницијатива ‘Спас за Валандово’“, најавуваат дека доколку градоначалникот, претседателот на Советот и Советот на Општина Валандово, не ги донесат горенаведените одлуки до тој датум, од 13 јуни (вторник) ќе пристапат кон радикални чекори. Тие најавуваат користење на сите демократски форми за изразување незадоволство, како секојдневни блокади и протести на крстосницата Валандово – Пирава – Марвинци, сè додека нивните барања не бидат исполнети.