Анализата на германскиот весник Велт, што ја пренесува Дојче Веле открива дали прибегнувањето кон руската вакцина Спутник V е спас во кампањата на ЕУ за вакцинација, со оглед дека ЕУ членки веќе прибегнуваат кон руското решение.
Унгарија самостојно ја одобри вакцината и нарача два милиони дози без да чека одобрение од ЕМА, агенцијата за лекови на Европската унија (ЕУ). Чешкиот премиер Андреј Бабиш, чија земја моментално страда од третиот бран на пандемијата, сега исто така сака да го користи Спутник без дозвола од ЕМА. Слично сака да постапи и Хрватска.
Како што пренесува Дојче Веле преку анализата на Велт, спротивставувањето на ЕУ од напливот на вакцини од Истокот, како што се создава општа слика за состојбата во јавноста, нема многу врска со реалноста, односно со пласирање на тезата дека ЕУ ќе ја „геополитизира“ вакцината. Зошто? Затоа што, на пример, на прв поглед можните испораки од Москва, во секој случај, звучат многу поветувачки отколку симболичната помош на 15.000 дози од вакцината на АстраЗенека што Берлин ги најави за Прага. Во Чешка, особено британската мутација во моментов доведува до најголема стапка на инфекција во рамките на ЕУ. Владата очекува до 20.000 нови инфекции дневно на само 10,7 милиони жители. За Кремљ, овие вести, во секој случај, се пропагандни успеси. Тие ги прават ЕУ и ЕМА да изгледаат како старинари кои наводно ѝ ставаат пречки на патот на руската вакцина.
За Европа, Русија би требало или да испорачува дози што ги произведуваат странски партнери во Индија или во Бразил (се вели дека годишно таму ќе се произведуваат стотици милиони дози, но производството сè уште не е започнато), или Русија во соработка со Европејците би требало да изгради производствени капацитети на лице место. Русија тогаш би се нашла во жестока конкуренција со индустриските гиганти како што се Фајзер или АстраЗенека, кои исто така сакаат да ги зголемат своите производствени капацитети. Освен тоа, ќе бидат потребни месеци за зголемување на производството.
Но, рускиот државен фонд РДИФ, се вели во анализата, кој инаку „се фаќа“ за најмалата позитивна вест за вакцината, исто така молчи. Покрај тоа, РДИФ сè уште нема доставено апликација за одобрување на вакцината до ЕМА, иако фондот не пропушта можност да тврди поинаку. И ЕМА и берлинскиот институт „Паул Ерлих“ потврдуваат дека не е примена апликација. Неговите претставници учествуваа во разговорите во рамките на научниот советодавен процес на ЕМА. Од рускиот државен фонд, наспроти тоа, беше речено дека апликацијата е поднесена на крајот на јануари. Како доказ за ова, на Твитер беше презентиран скриншот што треба да докаже електронско испраќање на податоци до ХМА, здружение на европските фармацевтски власти, кое не е одговорно за постапката за сертификација на ЕМА.
На прашањето на новинската агенција Ројтерс, РДИФ одби да коментира зошто документите биле доставени до ХМА. Ваквите сомнителни ПР-акции ја доведуваат во прашање сериозноста на руските намери. Додека Русија користи бизарна двојна тактика во однос на европскиот пазар, меѓу повторуваните обвинувања кон ЕУ и објавената желба Европејците да го признаат нејзиниот производ, нејзиниот голем ривал Кина се чини дека е помалку заинтересиран за испораки во Европа – и покрај тоа што капацитетите на кинеската фармацевтска индустрија се далеку над можностите на Русија. Според кинеските државни медиуми, најмалку 43 милиони дози од кинеската вакцина Синофарм се искористени ширум светот. Унгарија е единствената земја на ЕУ што има нарачано пет милиони дози вакцина од Синофарм – и веќе има добиено речиси половина милион дози. Официјално одобрение од ЕУ за производите на Пекинг досега не е на повидок.
извор: Дојче Веле