Полицијата во Брисел денеска започна нова серија рации поврзани со корупцискиот скандал поради лобирањето на Катар во ЕУ, потврди белгискиот федерален обвинител. Поради корупцискиот скандал веќе е уапсена една висока пратеничка во Европскиот парламент, потпретседателката Ева Каили, но сега постои можност истрагата да се прошири и на други лица.
Обвинителите потврдија дека досега претресле 19 резиденции и канцеларии, како и бројни пратенички кабинети. Уапсени се вкупно шест лица, а четворица се уште се наоѓаат во притвор. Во една хотелска соба во Брисел е запленет куфер полн со готовина во кој имало неколку стотици илјади евра, додека во една куќа биле откриени уште 600 илјади евра.
Обвинителите рекоа дека целта на најновите рации била брзо да се пронајде компјутерска опрема што ја користеле вработените во Парламентот, со цел да се спречи бришење на податоците. Тие потврдија дека четворицата осомничени кои се уште се во притвор ќе се појават пред суд в среда, пишува Политико.
Во скандалот се вмешани и Франческо Џорџо, партнер и советник на Каили во Парламентот, и Пјер Антонио Панцери, истакнат поранешен пратеник во Европскиот парламент, кој ја предводи невладината организација „Борба против неказнивоста“, која се фалеше со блиски врски со левичарски политички фигури.
„Експлозивните“ откритија го потресоа Брисел, а официјалните лица нервозно се прашуваат кој би можел да биде следниот. Темата доминираше и во денешните разговори низ ходниците на Парламентот во Стразбур, каде претседателката на парламентот Роберта Мецола вети дека ќе започне целосна истрага.
Ќе се соочиме со овој тест директно, нема да има прошка. Никому!, конкретна беше Мецола.