Претседателот на Полска Анджеј Дуда и првата дама Агата Корнхаузер-Дуда, при посетата на Италија и Ватикан, со претседателски авион во Рим ги однесоа украинските деца болни од рак. Децата ќе се лекуваат во детска клиника во Рим, пишува Укринформ, повикувајќи се на објава на Фејсбук профилот на Дуда.
„Украинските деца, на кои терапијата за рак им беше подготвена од педијатриската болница „Бебе Исус“ во Рим, полетаа во Рим со нас“, напиша Дуда.
Тој истакна дека најмладиот патник во нивниот авион е Викторија, која е родена два месеци пред војната на Русија против Украина.
„Се помоливме денеска на гробот на свети Јован Павле Втори за нејзиното име да биде пророчко за нејзината татковина“, напиша Дуда.
Според Кабинетот на претседателот на Полска, во претседателскиот авион имало вкупно пет деца од Украина со нивните браќа и сестри и старатели. Првата дама на Полска Агата Корнхаузер-Дуда подоцна ги посетила децата во болницата во Рим.
Според Кабинетот на претседателот на Полска, Дуда, за време на нивната средба му кажал на папата Франциско за ситуацијата во Украина и го поканил да ја посети Полска. Претседателот на Полска рече дека тоа ќе биде можност да се сретне со два народа – Полјаци и Украинци – со оглед на големиот број Украинци кои најдоа привремено засолниште во Полска бегајќи од војната со Русија.
Досега, околу 2,5 милиони Украинци пристигнале во Полска од почетокот на руската инвазија на Украина.
Д.Мишев