Денешната седница на Врховниот суд на Република Македонија е одложена, според службите на судот, поради тоа што дел од судиите се на боледување?!
Како што беше најавено пред велигденските празници, главниот фокус на седницата требаше да биде на употребата на прислушуваните разговори – како доказ во судските постапки.
На дневен ред на седницата беа два реферата поднесени од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Едниот се однесува на тоа дали прислушуваните разговори можат да се користат во судска постапка како докази или тие претставуваат само индиции. Другиот реферат е околу поднесувањето на барања за заштита на законитоста до судот, односно, дали Специјалното јавно обвинителство има право да поднесува вакви барања, или тоа право го има само Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.
СЈО досега поднесе неколку барања за заштита на законитоста до Врховниот суд, од кои едното се однесува на пресудата на Звонко Костовски, единствениот осуден во случајот „Пуч“.
Јавното обвинителство поднесе барање за заштита на законитоста до Врховниот суд, од каде се бара поништување на одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд и укинување на притворот на бизнисменот Сеад Кочан, кој е осомничен во случајот на СЈО „Труст“. Тој речиси два месеца е во бегство, а против него е распишана и меѓународна потерница.