ВЕСТ НА ДЕНОТ
Повик за субвенции за нови авиолинии, 7 евра по патник од Скопскиот, 4,5 евра од Охридскиот аеродром
Државата ќе доделува субвенции од седум евра по патник за нови авиолинии што ќе бидат воведени на Скопскиот аеродром и по 4,5 евра по патник од аеродормот во Охрид, со јавниот повик за финансиска поддршка за наредните три години, што го објави денеска Министерството за транспорт и врски, а на кој за разлика од претходно ќе можат да се изберат повеќе авиокомпании.
За следната година, во буџетот се предвидени 1,1 милион евра за оваа намена.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на прес-конференција рече дека повикот е различен од претходните и на него можат да се изберат повеќе авиокомпании, како и дека е во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска Унија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„НАТО не е само безбедност, туку и економска шанса. Со членството во НАТО се создаде една голема можност компаниите од нашата земја да учествуваат во нивните тендерски постапки и да понудат производи кои би можеле да ги испорачаат за потребите на НАТО алијансата. Се работи за еден значителен буџет, којшто се мери во милијарди евра“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната промотивна средба
одржана во Комората. Таа истакна дека до сега постапка за регистрација за учество на НАТО јавните набавки имаат направено 23 компании, и ги охрабри и другите компании да ја искористат оваа можност, и со тоа заеднички да придонесеме за јакнење на економијата во државата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОНОМИЈА Инфлацијата и цената на енергенсите се најсериозни ризици за работењето на компаниите во 2023 година. Деведесет и четири проценти од компаниите сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од енергетската и економска криза, а 53 отсто сметаат дека инфлацијата расте, покажува анкетата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.
СТРУЈА Ќе испратиме јасен сигнал до потрошувачите кои штедат, дека ќе имаат намалени трошоци на електрична енергија, истакнува за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски по состанокот на 53-от Борд на регулатори на Енергетската заедница што се одржа во Атина.
БЕЗБЕДНОСТ Во овој момент нема реална закана за безбедноста на државата и тоа е она што граѓаните треба да го знаат. Не оставаме ништо на случајност и службите, секоја во своја надлежност преземаат дополнителни мерки за гарантирање на безбедноста, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Окупаторите во Мелитопол го повторуваат сценариото за повлекување од Херсон, над 200 тела допрва треба да се идентификуваат во деокупираниот регионот Харкив.
*
Руската пропаганда сервира лажни вести пред Божиќ. Русија се обидува да ги натера Украинците кои зборуваат руски да немаат доверба во Православната црква на Украина. На руските информативни сајтови и каналите на Телеграм кружи фото „објава“, наводно објавена на вратата на храмот на Православната црква на Украина.
СВЕТ
Комитетот на Претставничкиот дом што го истражува нападот на Капитол од 6 Јануари, го обвини Доналд Трамп за поттикнување бунт, заговор за измама на САД и уште две федерални злосторства. Комитетот препорача тој да се соочи со кривична пријава – првпат во историјата на САД Конгресот упатува поранешен претседател на кривично гонење, пренесува Њу Јорк Тајмс.
*
Поранешна секретарка на ЕсЕс командантот на концентрациониот логор „Штутхоф“, Ирмгард Фурхнер најверојатно ќе биде последна на која и се суди за нацистички воени злосторства.
На 97-годишната Фурхнер (97) ѝ се суди повеќе од една година, а пресудата треба да биде изречена денеска. Таа е обвинета за учество во 11.412 убиства за време на нејзината работа во логорот „Штутхоф“, којшто се наоѓа близу денешен Гдањск, Полска.
РЕГИОН
(ИЗБОР) Албански медиуми: Српски тензии со руски корени, ердоганизмот како храна за рамизмот и беришизмот, Латинка Перовиќ за Косово е повеќе од почит и сеќавање
СЛОБОДНА ЗОНА
„Јавното мислење е силна јадица и за навигација на политиките и за медиумите.
Па, медиумите секако анкетата ја употребија како одличен „спин колач“ што го расекоа според сопствените апетити за „слатко“. Па, така, иако станува збор за бројки и факти, процентите ги нивелираа во привлечни наслови за потребната цел“, пишува Ана Василевска во колумната „Pastor, vuelva pastor es que ovejas no pueden ser sin te, или како овците го љубат овчарот кој им овозможува да го хранат“.
Д. Муратов