Комитетот на Претставничкиот дом што го истражува нападот на Капитол од 6 Јануари, го обвини Доналд Трамп за поттикнување бунт, заговор за измама на САД и уште две федерални злосторства. Комитетот препорача тој да се соочи со кривична пријава – првпат во историјата на САД Конгресот упатува поранешен претседател на кривично гонење, пренесува Њу Јорк Тајмс.
Упатувањата на комитетот немаат правна тежина или го принудуваат Министерството за правда да преземе било каква акција. Обвиненијата ќе носат долги затворски казни, доколку федералните обвинители одлучат да ги следат и тој биде осуден. Панелот, исто така, упати петмина сојузници на Трамп до Министерството за правда за кривично гонење, вклучувајќи ги Марк Медоус, неговиот последен шеф на кабинет и Руди Џулијани, еден од неговите адвокати.
Во извршното резиме од својот конечен извештај за нападот во Капитол, комитетот го издвои Трамп како примарна причина за насилството од толпата.
„Ниту еден од настаните на 6-ти јануари немаше да се случи без него“, напиша двопартискиот панел. Во него се опишани неговите немилосрдни напори да остане на власт по поразот на изборите во 2020 година и ги идентификуваше ко-заговорниците. Целосниот извештај се очекува утре.
Повеќе главоболки за Трамп предизвикува тоа што следната недела ќе биде една од најзначајните во неговата политичка кариера.
Последните постапки и препораките на конгресниот панел само ќе ги продлабочат правните проблеми на Трамп додека тој подготвува нова кандидатура за Белата куќа.
Одделот за правда, каде специјалниот советник Џек Смит ги презеде федералните истраги на поранешниот претседател, ќе ја донесе конечната одлука дали ќе го подигне обвинението.
Истовремено, друг комитет на Претставничкиот дом ќе се состане за да разговара дали да ги објави даночните пријави на Трамп. Настаните ги ставаат во центарот на вниманието одбивањето на Трамп да ја отстапи власта и темата што ја чува со децении: вистинската големина на неговото лично богатство и неговите извори на приход.
Подготви: Д. Мишев