Ајде, ова утро, да ги „прескокнеме“ сите правни и политички контроверзи (стара иницијатива, нова иницијатива, најнова иницијатива… па што ќе каже Џафери за тоа итн. и на тоа сл.) во кои е заглавена опозицијата со обидот да ја сруши сегашната Влада и да тргнеме обратно: да замислиме дека вчера ВЕЌЕ е изгласана недоверба на Кабинетот на Заев (ура-ура, бац-бац, победивме, фиторен, браво, браво, живели, гзуар!) и дека денеска сме се пробудиле со ново владино мнозинствоооо…
И, што сега?, читајте во колумната на Сашо Орданоски насловена „Нема омлет без кршење јајца“.
СОБРАНИЕ За денеска во 11 часот е најавен почетокот на собраниската седница на која најдоцна пред полноќ треба да се гласа за доверба на Владата на премиерот Зоран Заев. И покрај најавите за мнозинство за гласање недоверба на Владата на Заев, неизвесно е како ќе помине гласањето. Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. По реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, својот потпис вчера од иницијативата ги повлече претседателот на Левица Димитар Апасиев, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
За Собранието да ја изгласа одлуката за недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот. Но, останува да ја извршува функцијата се до изборот на нова Влада.
Европската комисија денеска ќе ги објави есенските макроекономски прогнози за земјите членки на ЕУ и државите кандидати, меѓу кои и за Северна Македонија. Економските предвидување на ЕК за Северна Македонија – есен 2021, на средба со новинарите претпладнево во Скопје ќе ги презентира Фрек Јанмаат, шеф на економскиот оддел во Делегацијата на Европската Унија во земјава.
ПРОМОЦИЈА Во малата сала на Македонскиот народен театар вечер (19:00) ќе бидат промовирани изданија на Институтот за македонска литература, годинашен добитник на високото признание, наградата 13 Ноември на Град Скопје.