ВЕСТ НА ДЕНОТ: ЕК ја истражува наводната злоупотреба на ЕУ фондовите Еразмус плус
Европската Комисија (ЕК) отвори истрага за случајот со наводна злоупотреба на ЕУ фондовите Еразмус плус од страна на Националната агенција за европски образовни програми во С.Македонија.
Портпаролката на ЕК за образовение Сузан Конзе, посочи дека Комисијата е запознаена со случајот.
-Сите наводи за злоупотреба се разгледуваат и онаму каде што станува збор за ЕУ фондови, секое нерегуларно трошење ќе биде идентификувано и ќе се врати назад, изјави Конзе за МИА.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ продолжува со серијата семинари за транспарентност, антикорупција и одговорни политички процеси. Семинарите се дел од долгогодишниот проект „Граѓански објектив“ и во кои до сега учествувале повеќе од 1.200 граѓански новинари, активисти и многу други заинтересирани за граѓанско учество во донесувањето на одлуките на локално и национално ниво.
Серијата семинари под заеднички назив „Граѓански објектив: Граѓан(к)ите учествуваат, набљудуваат и известуваат“ продолжуваат во Струга, во хотел „Београд“, во центарот на градот, на 24 и 25 октомври (сабота и недела) со почеток во 11 часот. На семинарот може да учествуваат сите заинтересирани граѓанки и граѓани од општините Охрид, Струга, Центар Жупа, Вевчани, Дебар, Дебарца, Ресен и Кичево. Бројот на учесници е ограничен на 20, а ЦИВИЛ за таа намена обезбедува голем простор согласно мерките за заштита од Ковид-19 за максимално почитување на протоколите за безбедност од корона вирусот.
ПРИЈАВА ЗА УЧЕСТВО
„Европа е наш дом“ патува во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и Охрид
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да ги посетат инфо –штандовите во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и Охрид посветен на промоција европските вредности и интеграции.
Граѓанките и граѓаните заеднички со тимот на ЦИВИЛ, во директна комуникација, ќе имаат можност да ги споделат своите размислувања и ставови во однос на демократските процеси во земјата и да бидат дел од креирањето на јавното мислење на локално и национално ниво, утре, 14 октомври, почнувајќи во Тетово.
Анкета: Кога ќе имаме европска плата нема да нè интересира политика
„Треба да станеме дел од Европа, оти сами не нè бива. Без Европа само ќе тонеме и пропаѓаме“, вели еден граѓанин од Велес на прашањето на ЦИВИЛ Медиа – Дали нашата држава заслужува да биде дел од европското семејство и дали ги исполнува условите?
Редакцијата на медиумската платформа на ЦИВИЛ им испрати покани за интервју на градоначалничките и градоначалниците на сите општини низ целата земја на кои ќе разговара за теми поврзани со антинационалнизмот, социјалната правда, зелените вредности, како и актуелната политичка состојба, европските вредности и ЕУ интеграции.
Велковски: Борбата за социјална правда и антинационализам е наше секојдневие
ФЛЕШ ВЕСТИ
Премиерот Зоран Заев денеска имаше работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), регионалната директорка за Западен Балкан, Жужана Харгитаи и директорот на канцеларијата во Скопје, Анди Аранитаси.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) ја осудуваат непримерната јавна комуникација со обид за дискредитација, проследена со закани со тужба, кон колегите од онлајн медиумот „А1он“ од страна на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.
Постепено надминување на кризата и закрепнување на економијата во следните две години се очекувањата на аналитичарите во земјава, искажани во анкетата на Народната банка спроведена во септември оваа година.
„Договорот што го потпишавме со Бугарија не беше само договор за решавање на проблемите, туку и градење на доверба и на добрососедски односи. Ние вложуваме во тие добрососедски односи и очекуваме тоа да го направи и Бугарија“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, прашана за коментар за можното бугарско противење на почетокот на македонските преговори за членство во Европската унија.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Расправиите помеѓу Грција и Македонија и помеѓу Бугарија и Македонија се од различна природа. Со различни последици. Со Грците имавме „имотно-правни“ недоразбирања како што двајца соседи се расправаат околу плотот – непријатна кавга која траеше триесетина години, но во која „геометрите“, на крајот, помогнаа да се симне оградата, откако ние решивме дека ќе се водиме од принципот „попаметниот попушта“: ја променивме таблата на влезот на плацот, добивме „имотен лист“ со катастарски печат од НАТО, без изгубен квадрат од духовниот и материјален имот. Тој успешно разрешен, а бесмислен спор, е веќе дел од балканската историја“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Ќе потклекне ли Борисов пред Каракачанов и Москва?“.
Поенти на Џевден Хајредини: Џафери повторно го спасува Вељановски, овој пат, од затвор
Тој што Трајко Вељановски го спаси од притвор, вчера се обиде да го спаси и од затвор. Сведочи Талат на суд дека Трајко не можел да ги прекине бескрајните дискусии и реплики на пратениците на ВМРО, со очигледна цел да го спречат конституирањето на Собранието и, ако треба, да се направи и пуч, кој за малку, не без сериозни последици, не успеа.
„Од усвојување на Рамковниот Договор, па до ден денес, актуелна е темата на вработувањата по “Рамковен”. Честопати дури тоа служи како синоним на некомпетентност или афирмативна акција не толку врз база на етникум, колку врз база на политичка припадност од една страна, и социјална и интелектуална инфериорност од друга страна. Господинот Груби изјави дека „за жал” вработените по „Рамковен” не можело да се отпуштат од работа, па дури и да одбијат да работат. Понатака, тој објаснува дека имало случаи каде работникот одбива да работи во одредена институција, а притоа не смеело да се отпуштат од работа…“, пишува Лиса Баута Шаќири во колумната „Хиерархија на законски акти, или башибозук правда?“.
А. П.